Димитар Димовски, член на ВМРО ДПМНЕ му порача на бугарскиот претседател Бојко Борисов дека Бугарија треба да му се извини на македонскиот народ за сите страдања и угнетувања кои му ги причинила во времето на фашизмот.

Господине Борисов, историјата (барем од последните три века) е наука која се базира на факти и записи кои ги составиле луѓето кои живееле во тоа време. А тие факти, а и документи, ја кажуваат единствената вистина. Бугарија за време на втората светска војна била во коалицијата на фашистичките држави и била фашистички окупатор во Македонија. Од раката на тој окупатор истекла многу македонска крв и биле одземени илјади македонски животи. Тие факти не може да се променат. Но, тоа што може да се промени е Бугарија да му се извини на македонскиот народ за сите страдања и угнетувањето кое му го причинила во тој период, пишува Димовски на својот профил.

Членот на ВМРО ДПМНЕ му одговара на Борисов, кој се закани дека тие нема да помогнат Македонија да влезе во ЕУ.

Ние, Македонците, сме добри христијани и верувам дека ќе простиме. Но, не не терајте да зборавиме. Гоце Делчев, еден од великаните на Македонија, можете да го славите и опевате, нема никаков проблем, ама како Македонец кој својот живот го дал за слободна и независна Македонија. Македонскиот јазик, култура, традиција и историја, припаѓаат на Македонскиот народ. За да се помагаме како соседи, како пријателски народи, не треба многу. Потребно е да ја зборуваме вистината и да сме искрени и чесни едни кон други.
До тогаш, останете во добро здравје, пишува Димовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.