Поранешниот премиер Владо Бучковски, сега во улога на специјален претставник на Владата за спорот со соседите, во интервју за бугарската „БНТ“ вели дека разбира зошто неговата генерација гледа емотивно на разговорите со Бугарија, имајќи ги предвид „случувањата“ во периодот по Втората светска војна и врската со Југославија. Тоа, според Бучковски, се гледа и во инфраструктурата.

Според него, нашите позиции се кристално јасни, а тоа е дека треба да најдеме заеднички именител и така да го трасираме патот на идните генерации.

Решението е во почитување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година. Мене ми е совршено јасно дека на крајот се ќе се прекрши околу заедничката историја. Времето ќе работи за Историската комисија, но не можеме да чекаме таа да го трасира патот кон европската иднина, истакна Бучковски и додава дека би биле добредојдени искусни експерти кои решавале слични проблеми.

Тој вели дека со експресниот пат што се гради кон Бугарија, ќе стигаме во Софија за 2 часа, наместо досегашните 4.

Мислам дека што побрзо треба да изградиме автопат меѓу Скопје и Софија и да стигаме за 2 часа, како што е нормално за две соседни земји и два главни градови, потенцира Бучковски во интервјуто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.