Премиерот Зоран Заев, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите, изјави дека бројот на починати во автобуската несреќа се искачи на 14, а шест се борат за живот.

Тешка ноќ, полна со неизмерна болка и тага. Немам зборови кои можат да бидат доволна утеха за семејствата на нашите сограѓани кои вечерва трагично ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа, изјави Заев вечерва во Владата.

Тој најави дека утре ќе ги посети повредените во болниците, а во наредните денови ќе се донесат и одлуки за поддршка на семејствата на починатите.

На вечерашната седница Владата ги прогласи 14 и 15 февруари за денови на жалост, рече тој.

Од вкупно згрижените 37 лица во ГОБ „8 Септември“, четири се во критична состојба, а сериозна е и состојбата на уште двајца повредени кои се хоспитализирани во Ургентниот центар. Седум лица го загубиле животот на самото место на несреќата, а другите седум им подлегнале на повредите.

Имињата на 14 загинати се уште не се соопштени зашто во тек е нивна идетификација на Институтот за судска медицина.

Автобусот се движел на релација Скопје – Тетово, несреќата се случила кај село Ласкарци. Неутврдени се причините, а истрагата е под раководство на надлежниот обвинител. За денес е завршена на лице место, утре продолжува, ќе бидат сооштени сите факти и детали за причините за несреќата. Автобусот поминал директно на спротивната страна, ја пробил заштитната ограда, паднал на регионалниот пар, а од него во полето. Интервенциите беа брзи на сите институции, МВР, болниците, изнесе Заев од фактите кои се засега познати.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.