Продолжува зголемувањето на бројот на новозаразени со корона вирусот. Во рок од еден месец, бројот на активни случаи од 130 се искачи на 2.581. Ако пред неколку дена во 13 градови немаше Ковид-19, сега само шест града се останати без ниту еден случај. По број на заразени сè уште водат Скопје со 832 и Тетово со 662 случаи.

По вчера регистрираните 518 нови случаи на Ковид-19 од направени 5.809 тестирања и четири починати лица, вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 158.681, а на починати е 5.513.

Бројот на активни случаи изнесува 2.581, а според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 832 активни случаи, во Тетово 662. По нив следува Гостивар, каде има 294 активни случаи. По Гостивар, со најголем број заразени следи Куманово – 180, потоа Кичево со 115, Струмица – 72, Битола – 69, Дебар – 54, Струга – 56, Охрид – 51. Во другите градови има под 50 активни случаи, а во шест града, Неготино, Богданци, Крушево, Демир Хисар, Кратово и Дојран, нема ниту еден заразен со коронавирусот.

Поради зголемената потреба за хоспитализација на лица заболени од Ковид-19, од денеска со работа почнува модуларната болница во Куманово. Засега 16 пациенти се лекуваат на инфективното одделение во општата болница.

Светската статистика говори дека досега со корона вирусот се заразиле околу 205 милиони луѓе, починале над 4,3 милиони, а оздравеле речиси 184 милиони лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.