Со новите 141 случај со Ковид-19 од 1.559 тестирања евидентирани во минатото деноноќие, вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 17.483. Како што информира Министерството за здравство, почина еден пациент од Скопје на возраст од 79 години, со што бројката на починати се искачи 722.

Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.245. Од вкупниот број активни случаи во Скопје има 650, во Куманово 183, во Тетово 166, во Струмица 147, во Кочани 139, во Прилеп 123, во Гостивар 108…

Досега во земјата се направени вкупно 184.097 тестирања на Ковид -19.

На Инфективната клиника примени се 10 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 67 пациенти од кои на кислородна поддршка се 27 пациент, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се пет деца и три мајки позитивни на Ковид-19, едно дете и една мајка суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се тројца пациенти. Вкупно хоспитализирани се 37 пациенти од кои на респиратор се пет пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 18, а во болницата во Штип се 44 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 166, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Активни случаи по општини во Скопје има во Аеродром – 97, Центар – 91, Карпош – 83, Гази Баба – 80, Кисела Вода – 69, Чаир – 62, Ѓорче Петров – 47, Бутел – 29, Илинден – 25, Шуто Оризари – 17, Сарај – 12, Студеничани – 8, Петровец – 7, Арачиново – 5, Чучер Сандево – 5, Сопиште – 3, Зелениково – 2, осум се странци, а еден е нераспределен.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека засега нема потреба од допoлнителни рестриктивни мерки, бидејќи по иницијалното зголемување на бројот на заразени од Ковид -19 состојбата се стабилизирала. Бројот на новодијагностицирани, по иницијалното зголемување, особено нагло во изминатата недела, се стабилизираше на близу десет проценти од вкупниот број направени тестови.

Искрено се надевам дека никој од нас ниту ние, ниту нашата земја, ниту целиот регион заради тоа што очигледно дека насекаде има иста или слична епидемиолошка ситуација, нема да се соочиме со таква ситуација да треба да препорачаме рестрикција – изјави Филипче.

Според него, првиот чекор би бил некоја форма на поблаги рестриктивни мерки, го најавиле ограничувањето на јавните собири, односно целосната забрана во некои општини, региони каде што ќе сметаат дека бројките и начинот на пренос укажува дека има начин на трансмисија на  вирус што треба да се запре со таков начин на рестрикција. Тој потенцира дека маските на отворено засега не се задолжителни, меѓутоа доаѓа есенски, зимски период во кој луѓето треба да се штитат и од настинки и од сезонски грип.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.