„Реформите не се неопходни само за аспирациите кон ЕУ, туку се потреба, нужност. Вашата земја сега се соочува со многу сериозен предизвик, особено младите луѓе, кои се прашуваат дали овде имаат иднина, дали можат да заработуваат, дали ќе имаат можности. Имате просечни граѓани исфрустрирани од корупцијата, од недоволните реформи и напредокот на кој се надевале“, истакна Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Република Македонија во емисијата „Само интервју“.

Брнз додаде дека тие прашања се доста важни, но смета дека постојат конкретни чекори што може да се направат релативно брзо за да се покаже решителноста да се работи на тие прашања.

„Прво и најважно, некои од случаите на корупција што сега се водат, ако се пресудат би бил јасен сигнал. Исто така, Парламентот ажурно да ја донесе националната антикорупциска стратегија и воведувањето на таа стратегија“, рече Брнз.

Брнз посочи дека ако луѓето забележуваат корупција, тогаш постои проблем. Владата треба да сноси одговорност за постоењето на корупцијата во државата.

Имаше значителни напори во борбата против корупцијата, но се оди бавно и не се доволно. Во овој случај мислам дека перцепцијата е многу важна. Ако луѓето забележуваат корупција, тогаш постои проблем. Ако е тоа нешто видливо со кое се борат секојдневно, мислам дека е важно да се обрне внимание. Кажавме дека Владата сноси одговорност и тоа е така, но не е само таа одговорна. Има повеќе чинители, институциите треба да ја одиграат својата улога, рече Амбасадорот на САД, Г-ѓа Брнз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.