Ич не ми е гајле што ќе стори Павле и дали ќе поднесе оставка! – пишува новинарот Бранко Героски во својата денешна колумна, посветувајќи ја на актуелната снимка на која се слуша како пратеникот Павле Богоевски нарачува „пола за 2.500 денари“, на што тој самиот даде објаснување дека не се работело за кокаин, туку за масло од канабис, но сепак, купено на нелегален начин, што е кривично дело.

Тоа и го коментира Героски кој пишува:

Откако самиот јавно призна дека нелегално набавил психотропна супстанција, наводно масло од канабис – значи, не со рецепт, не во аптека, не како сите обични смртници што си имаат мака – судбината на Павле веќе не е прашање на политичка одговорност, туку на кривично-правна постапка.

Вели можеби има смисла да расправаме дали наводниот таксист, што наводно го снимил Павлета, сторил кривично дело:

ас тврдам – да. И дали нелегално прибавената снимка може да биде доказ во некоја идна кривична постапка против човекот што го снабдил пратеникот Богоевски. Јас тврдам – не. Законот е јасен, нелегално прибавен доказ не може да се користи во судска постапка. И тоа важи за сите, а не само за оваа нелегална снимка.

Сепак тој најмногу се посветува на оние кои го бранат пратеникот Богоевски и бараат да се засрамиме ние што немаме разбирање за постапката на хировитиот пратеник.

Апологетите Павлеви и на власта – истите се, де, ги научивме веќе – нас, луѓето на кои не им се допадна поведението на „лидерот на Шарената револуција“ (избран кога, каде и од кого?), нè нарекуваат „малограѓани“, „сеирџии“ и со други погрдни зборови. И нормално, политички веднаш нè рубрицираат во графата „вмровци“. Тоа е наједноставниот начин на дискредитација.

„Издржи Павле“, вреват на цел глас. Зашто, замислете, барањето оставка од пратеникот Богоевски да ти било „рушење на Заев“. А што баш на Заев? Не сум чул и Заев да набавува „пола“. Ах да, сфаќам, брендот „Заев“ на апологетите им служи за оправдување и за релативизирање на криминалот, корупцијата, непотизмот и на другите слабости на оваа власт. Така и приказната за Мира Дизел, нели, беше „рушење на Заев“.

Е па вака, другари „големограѓани“, простаци и ропаци. Време е нешто да научите.

Можете да се пењавите колку што сакате, но има меѓу нас, обичните луѓе, такви што не сакаат нивните деца да живеат во земја во која легално ќе може да се пуши марихуана, да се шприца хероин и да се шмрка кокаин. Колку сме, толку сме, токму сме. Распишете референдум и ќе си видите кој е во мнозинство.

Понатаму Героски додава:

А тоа што „дувате“, шмркате и се боцкате, па и јавно се фалите со тоа (читаме меѓу редови, де), тоа веќе не е баш „ин“ во светот. Вие ги лечите своите фрустрации, фалејќи се со вашите пороци и обидувајќи се да ги наметнете како модел на либерално општествено поведение, наспроти нашиот наводен „конзервативизам“ и „малограѓанштина“. И згора на сè, убедени сте дека и тој наратив народот ќе го проголта.

Џабе ви е сè! Ова нема да ви помине! Не пикајте ги со сила СДСМ и Заев во приказната, и онака и досега доволно мамичето мамино им го расплакавте! И онака не им оди баш најдобро.

Да си знаете, на следните парламентарни избори многу внимателно ќе гласаме. Двапати ќе мериме, еднаш ќе сечеме. Еднаш или ниеднаш. Минималниот фоторобот за избор на личност на така значајна функција ќе се вика – пратеник независник! Па вие видете…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.