Поминаа неколку дена откако бизнисменот Орце Камчев и јавно го соопшти она што јавноста имаше можност да го прочита како „протечена информација“ од неговите искази дадени пред Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција: бил уценуван од братот на судијката Димишкова, која го притвори, и тоа на ист начин како што подоцна бил уценуван и рекетиран од Катица Јанева, Бојан 13 и Зоран Милески.

Јавноста оваа информација имаше прилика да ја дознае и пред неколку месеци, кога беа протечени детали од исказ на Камчев во кој стои:

Јас бев притворен како што кажав на 8 ноември, петок, а во неделата мојата сопруга беше повикана од Зоки Милевски да се сретнат со Васе Димишков, адвокат од Скопје. Во вечерните часови, ден недела, мојата сопруга била однесена во таен стан во населбата Капиштец. Во станот биле мојата сопруга со Зоки, а Васе Димишков ги чекал во станот, појаснува бизнисменот Камчев во пријавата до обвинителството за организиран криминал.

Васе ѝ побарал 2, 4, 6 милиони евра (на Ана Камчева) во зависност од опцијата, при што ѝ кажал дека поголема група на луѓе треба да се подмири од сумата и дека во оваа група биле вклучени и обвинителката Лиле Стефанова и неговата сестра, судијката Весна Димишкова, која после ова би заминала во пензија.

Истото што беше објавено пред очите на јавноста Камчев го потврди јасно и гласно и за време на сведочењето на рочиштето за „Рекет“, и веднаш потоа пред новинарите кои го чекаа пред судот.

Ако може да се заклучи дека овие информации Вилма Рускоска ги имала со месеци се поставува прашањето зошто досега не го повикала барем на распит братот на судијката Димишкова, кој според зборовите на Камчев, се обидел да го „рекетира“ на ист начин како што тоа го сториле Јанеvа, Боки и Милески, зборувајќи за шема во која е неговата сестра Весна Димишкова (која му определува притвор на Камчев) и обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот „Империја“?

Дали ваквиот начин на водење на истрага ќе ја убеди јавноста дека Рускоска е непристрасна страна во постапката, или ќе се потврдат тезите на опозицијата дека Рускоска во соработка со власта ги штити највисоките политичари во случајот „Рекет“, преку заштита на извршители на рекетирањето кои можеби знаат „премногу“ и би сториле се за да не заглават долги долги години по македонските затвори?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.