Откако решија да ги донираат органите на својата ќерка која загина во сообраќајна несреќа, не стивнуваат позитивните реакции за огромниот чин на хуманост до семејството од беровското село Русиново, за кои единствената утеха покрај огромната загуба, е тоа што нејзиниот живот ќе продолжи преку животот на пациентите кои ќе ги примат нејзините органи. За братот на починатата 20 годишна девојка, и покрај трагичниот чин, семејството сака да остави пример за потребата од вакви хумани гестови.

– Сакаме да дадеме до знаење дека органите треба да се донираат, а се одлучивме на тоа бидејки сакаме да спасиме животи. И нам доколку ни беа потребни, верувам дека ќе ни се излезеше во пресрет, затоа и ние сакавме да помогнеме, бидејки така ќе живее и нашата сестра – истакна Мартин Белчовски, брат на 20 годишната Верица.

Огромна поддршка до семејството Белчовски, изрази и градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски.

– Пред се огромна поддршка за ова семејство кое и во услови на голема тага и скршеност се одлучија на храбар чекор да ги донираат органите на несреќно загинатата Верица и со тоа да продолжат нови животи. Огромен хуман чин кој значи многу пред се за општеството во охрабрување на тие акции на донори да продолжат и во наредниот период со што ќе се овозможи многу животи да бидат спасени и со тоа иако физички не е присутна, срцето на Верица ќе продолѓи да чука. Како општина на семејството им стоиме на располагање за било какви потреби, кои уште еднаш ги охрабруваме за големиот хуман чекор – рече Пекевски

Како што претходно беше соопштено од Министерството за здравство, пациентот кој денеска го прими срцето од донорот е на возраст од 22 години и има сериозно заболување кое го оштетува срцето. Во наредните денови од починатиот донор ќе се трансплантираат и бубрезите како и коски за пациенти со тешки фрактури кои немале можност да стават протези и карциноми кои им ги оштетиле коските.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.