Адвокатите на Миле Јанакиески, против кого се водат неколку судски процеси, денеска со отворено писмо алармираа за честите и секојдневни судски рочишта закажани за октомври, исто како што беа и изминатиот месец. Тие испратија „Укажувања за правично и правилно утврдување на распоредот на судење за наредниот период со цел да се овозможи ефикасна одбрана на обвинетиот Миле Јанакиески“ до членовите на Судскиот совет, Кривичен суд, Дипломатски претставништва, медиуми, невладини организации…

Ви го пренесуваме во целост писмото од адвокататите Еленко Миланов, Александар Новаковски, Донче Наков, Димитар Дангов и Сања Алексиќ, бранители на обвинетиот Миле Јанкиески:

Секојдневно преку  медиумите  меѓународни претставници од стратешките парнери на РСМ и носители на јавни функции истакнуваат и потенцираат дека во Република Македонија владеењето на правото и почитувањето на човековите права треба да бидат императив во работата на правосудните органи и дека довербата  на јавноста во судството може да го подобри најмногу судската власт.

            Владеењето на правото се  остварува и преку еднакво важење на законите за сите граѓани на Република Македонија.

Најнапред сакаме да Ве информираме дека против нашиот клиент Миле Јанакиевски пред Основниот Кривичен суд Скопје во моментов се водат 7 (седум) кривични постапки, нешто што не е забележано како пример во правосудството во Република Македонија од 1944 година до сега.

Поради ваквата ситуација во неколку наврати нашиот клиент со поднесок се обрати до Претседателот на Основниот Кривичен суд Скопје како и судечките совети во Судот кој Ви го доставуваме во прилог, со кој побара разбирање и надминување на проблемот со секојдневното закажување на рочишта кој се провлекува веќе подолг временски период а кој проблем сериозно задира во основните човекови права.

 

Имено како што напоменавме  пред Основен Кривичен суд во Скопје, против нашиот клиент Миле Јанакиевски во тек се седум (7) предмети во кои се јавувам како обвинет покрај други лица, а само еден од овие предмети по својата процесна природа е итен со оглед дека за предметот познат во јавноста „Шпански скали’’ КОК бр. 30/20 изречна е мерка куќен  притвор која ја издржува од  28.06.2019 година но за жал самиот предмет е на самиот почеток. Мерката куќен притвор дополнително ја отежнува комуникацијата со нашиот клиент за подготовка на самите рочишта.

Само за Ваше разбирање на ситуацијата  динамиката на закажувањата на рочиштата за месец Октомври 2020 година која ви ја испраќаме во прилог скоро секој ден е исклучително интензивна и невообичаена дури некои денови има закажано и по две рочишта во еден ден на кој треба да присуствува Нашиот клиент. Ваквиот интензитет на судските рочишта предизвикува реален проблем за подготовка на одбраната (соработка со бранителите, анализа на доказите и припрема за самото рочиште).

Имајќи ја во предвид ваквата ситуација нашиот клиен во месец Септември кога имаше судења секој работен ден, се обрати со поднесок до Председателот на Основниот Кривичен суд и судечкиот совет  со молба да се надмине ваквиот проблем при закажувањето на рочиштата за месец Октомври при тоа особено да се обрне внимание на кривичниот предметот каде е изречена мерка куќен притвор со цел негово интензивирање бидејќи мерката куќен притвор по овој предмет во голема мера го ограничува правото на одбрана на Нашиот клиент.

Правото на одбрана е ограничено и поради фактот што нашиот клиент ја издржува мерката притвор скоро 2 година, а само за предметот 30/20 т.н Шпански скали е во притвор од јуни 2019 година.

За жал како согласно распоредот за месец Октомври динамиката остана иста дури како што напоменавме некои денови се закажани и по две рочишта со што невозможно е да се спреми квалитетна одбрана, а од друга страна за предметот КОК бр. 30/20 по кој е определена мерката куќен притвор воопшто нема закажано рочиште за месец Октомври.

Во оваа прилика сакаме да Ве информираме дека за ниту еден предмет кој се води против нашиот клиент нема опасност за застарување и со ваквата динамки само се оневозможува нудење на квалитетна одбрана.

Кривичниот суд при правење на ваков распоред треба да ја има во предвид и следнава аргументација како и фактот дека македонските судови согласно закон треба да ја почитуваат праксата на ЕСЧП што беше укажано и во писмото испратено од нашиот клиент кое ви го испраќаме во прилог:

 

Имено,

 

  1. Интензивната динамика на судење секој работен ден, оневозможува ефективно учество во судењето. Имено, правото на правично сослушување не подразбира само обвинетиот да биде присутен на сослушувањето, туку и право активно да ги слуша и следи дејствијата во постапката и да учествува ефективно во нив (види пресуда Stanford v. UK §26).
  2. Времетрањето на рочиштата од ваков интензитет го повредува правото на еднаквост на оружјата со оглед на фактот што не постои правичен баланс на страните (обвинетите и обвинителите), имајќи во предвид дека одбраната е ставена во понеповолна положба за да ги презентира своите теории на случаевите односно одбраната (види пресуда Makhfi v. France бр.59335/00).
  3. Интензитетот и времетраењето на рочиштата влијае на правото на контрадикторност на постапката, односно на правото да се коментира по сите докази и обсервации, кое иако формално не е забрането, суштински е ограничено со оглед на фактот што обвинетите поради нивната ранливост реално не можат да го искористат
  4. Тезата на судот дека со интензивното закажување на рочишта всушност се овозможува правото на судење во разумен рок, потребно е да укажеме дека во конректниот случај правото на судење во разумен рок се злоупотребува на сметка на правото на соодветно време и услови за подготовка на одбраната. Имено, правото на соодветно време за подготовка на одбраната го штити обвинетиот од „судење на брзина“ и е контратежа на правото на судење во разумен рок од член 6 став 1 на Конвенцијата (Kröcher and Möller v. Switzerland, Одлука на Комисијата; Bonzi v. Switzerland, Одлука на Комисијата).
  5. Европскиот суд за човекови права наведува дека иако е важно да се спроведува постапката доволно брзо, ова не треба да се прави на штета на процедуралните права на една од страните (OAO Neftyanaya Kompaniya Yukos v. Russia, § 540). Согласно судската пракса на ЕСЧП, судењето во разумен рок е релативна категорија и зависи од повеќе фактори но овој рок не подразбира судењата да се одвиваат со голем интензитет и брзина на постапка, туку предвидува разумно време кое би било доволно брзо, но и доволно долго со цел да се овозможи адекватна подготовка на сите учесници во постапката
  6. Закажување на различни рочишта буквално секој работен ден каде секој предмет има своја специфика, го спречува правото кое го гарантира член 6 став 3 точка (в) од Конвенцијата, обвинетиот да се брани со помош на бранител по сопствен избор земајќи во предвид дека бранителите се ангажирани и во други тековни предмети. Целта на правото за лична одбрана или преку правна помош е „првенствено да го стави обвинетиот во позиција да го изнесе својот случај на таков начин што тој нема да биде во понеповолна позиција во однос на обвинителството“ (Пресуда Ensslin, Baader and Raspe v. FRG).
  7. Со Ваквата динамика на закажување на рочиштата се врши повреда на право на одбрана на Нашиот клиент бидејќи често не се води сметка за преклопувањата на рочиштата и тоа е во спротивност со судската пракса на ЕСЧП во пресудата Hanzevacki v. Croatia §23, §2 и пресудата Campbell and Fell v. the United Kingdom §99).

 

Согласно доставениот табеларен преглед во кој јасно може да се увиди дека има закажано повеќе рочишта него работни денови, сакаме да истакнеме дека во месец  Октомври, во кој месец од 21 работен ден закажани се 7 рочишта по предметот ,, Траекторија,, кој по  својата процесна природа не е итен бидејќи во истиот нема изречена мерка притвор за ниеден од обвинетите ниту можно е застарување на делата а од друга страна како што спомнавме претходно по предметот 30/20 или т.н Шпански скали нема закажано ниту едно рочиште

 

Почитувани,

 

Ние и нашиот клиент сме свесни  за притисокот на јавноста во посочените предмети, но тоа не може да биде оправдување за ваквиот однос кон Нашиот клиент како обвинет и повреда на неговите елементарни права во оваа својство, бидејќи правото на судење во разумен рок не може да се злоупотребува на сметка на  повреда на  правото на фер судење и правото на ефикасна одбрана. Впечатокот кој се создава и кај Нас и во јавноста е дека ваквото постапување го прејудицира и исходот на постапките. Мора да го напоменеме и фактот дека со секој нареден поднесок кој се доставува до Судот по однос на надминување на овој проблем, за жал работите дополнително се влошуваат т.е се интезивира закажувањето на рочиштата, поради и што се одлучивме на овој чекор да се информира мегународната заедница како и невладините организации. Во оваа прилика сакаме да го потенцираме и фактот дека најголем дел од предметите се во фаза на распит на сведоци и се случува во еден ден да има закажано распит на 20 сведоци за два различни предмети или во една недела да треба да се врши распит на над 50 сведоци за различни предмети што со ваков интензитет на закажување на рочишта за различни кривични предмети е невозможно да се спрема темелна и квалитетна одбрана.

Во секој случај, истото е спротивно на основните начела на кривичната постапка и правата на обвинетиот определено во член 70 од Законот за кривична постапка како и праксата на ЕСЧП.

            Борбата на Нашиот клиент за еднаквост пред законите, спроведување на законите и  почитување на човековите права можеме да ја окарактеризираме како сизифовска.  Од тие причини сметавме за потребно со аргументирани факти да Ве информираме за проблемите со кои секојдневно се соочуваме и за  чие надминување не наидуваме на разбирање што е на штета на правата на одбраната на Нашиот клиент.

 

Со надеж дека сериозно ќе се земе во предвид нашата аргументација при утврдување на распоредот за судењата во наредниот период со што ќе се овозможи нудење на ефикасна одбрана, однапред Ви благодариме.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.