Како е можно браќата Манаки да се слават како херои во сегашната Cеверна Македонија додека тие одиграа клучна улога во регистрацијата на битолските Евреи кои требаше да бидат депортирани?, вели бугарскиот амбасадор во Вашингтон Георги Панајотов во интервју за Гласот на Америка.

Од 2018 година, Бугарија е членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (ИХРА). Како земја членка на ИХРА, Бугарија става акцент на важноста на сеопфатно и научно истражување на Холокаустот, како и на борбата против искривувањето и негирањето на Холокаустот. Ова е единствениот начин да се обезбеди ефикасна, историски информирана противреакција на современиот антисемитизам. За да се разберат трагичните настани од пред 80 години, треба да се знаат фактите. Бугарија, во тоа време сојузник на Германија, привремено управуваше со делови од германската окупирана северна Грција и тогашна Југославија. Бугарија немала никаков суверенитет над овие земји, бугарските трупи и администрација, составена претежно од локално население, биле подредени на локалната германска команда и германските власти не им дозволувале на локалните Евреи да добијат бугарско државјанство. Во овие околности, 11.343 локални Евреи биле депортирани во нацистичкиот логор Треблинка. По војната, Бугарија исплати репарации на Грција и тогашна Југославија и одговорните за воените злосторства беа изведени пред лицето на правдата, а многу од нив беа префрлени на грчките и тогашните југословенски власти за оваа цел. Ова е историскиот контекст на оваа трагедија. Бугарската историска наука и бугарската држава никогаш не се оддалечија од трагедијата на 11.343 Евреи од делови на тогашна Југославија и делови од северна Грција. Бугарските политичари, државни функционери и други јавни личности постојано го почитуваат споменот на овие жртви. Во својата декларација од март 2013 година, Националното собрание го осуди криминалниот чин на нацистичката команда и изрази жалење што не е во моќ на локалната бугарска администрација да го спречи. Денешниот наратив во Македонија, сепак, е сосема поинаков. Тој е селективен, ненаучен и служи за политички цели, во целосна спротивност со принципите на истражувањето на Холокаустот. Нашата надеж е дека неодамнешното пристапување на Македонија во ИХРА ќе ѝ помогне на земјата да ја напушти политичката реторика „сите Бугари се фашисти“ и да се фокусира на научните истражувања на Холокаустот и на сеќавањето на жртвите. Ова во голема мера ќе ја олесни објективната јавна дебата и позитивното политичко дејствување од двете страни на границата. Покрај тоа, ова е неопходно, бидејќи многу епизоди од Холокаустот остануваат да се разјаснат и многу прашања бараат одговори. Еден пример – како е можно браќата Манаки да се слават како херои во сегашната Македонија додека тие одиграа клучна улога во регистрацијата на битолските Евреи кои требаше да бидат депортирани? Следната година ќе ја одбележиме 80-годишнината од спасот на бугарските Евреи за време на Холокаустот. Овој чин на храброст и толеранција среде ужасите на Втората светска војна е позитивен пример како да се спротивставиме на антисемитизмот, кој треба да го паметиме и да го учиме на училиште. Всушност, и покрај сите тешкотии на војната и антисемитското законодавство, бугарската еврејска заедница беше единствената во континентална Европа која природно се зголеми во број за време на Втората светска војна. Ова е без пресметка за бројните Евреи од другите европски земји кои побараа засолниште од нацистичкиот прогон во Бугарија или безбедно преминување на Блискиот Исток, вели Панајотов во интервјуто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.