Аналитичарот Владимир Божиновски во „24 анализа“ на ТВ24 изјави дека ветото од Бугарија, односно немањето на датум за преговори со Европската Унија е неуспех на Заев и Димитров, затоа што тие самите се фрлија на таа карта и притоа ја одбија опозицијата да се постават заеднички црвени линии.

Божиновски истакнува дека затоа не може успехот да биде само нивни, а неуспехот заеднички.

Нас како граѓани не интересира да има некаков напредок. Ние гледаме дека во моментов нема апсолутно никаков напредок. Се беше фрлено на картата на евроатланската интеграција. Нели беше Димитров тој што заедно со Заев од 2018 година, едно 7 или 8 пати пред сите медиуми велеа дека сме го добиле датумот и дека почнуваме со преговори. Еве сме на крајот на 2020 година ние добивме вето. Ниту датум ниту почеток на преговори. Чив неуспех е тоа, на Македонија? Не, токму на Заев и на Димитров. Целиот товар на тие преговори, целата одговорност ја носеа тие – потенцира Божиновски.

Тој додава дека многу луѓе говореа дека тој товар треба да се подели и да се седне и заедно со сите политички чинители, заедно со академската заедница да се види што и како понатаму и во однос на преговорите со Грција и во однос на преговорите со Бугарија, но власта сето тоа го одби како што го одби и барањето на опозицијата да биде вклучена во процесот и да бидат поставени црвени линии.

Би се сложил дека треба да имаме црвени линии. Бугарите си изгласаа Резолуција во Собранието, треба и ние да имаме нешто, на кое што секој еден следен преговарач, ќе може да се повика, ќе има поддршка од заеднички препораки, црвени линии во однос на тоа како треба да се однесува и за што може, за што не смее да се преговара.  Опозицијата повикува повеќе пати, тотално игнорирана од власта, имаше Комисија во Собранието, претставниците на власта не се појавија. Така да, ако веќе целата одговорност ја земаш на свои плеќи, тогаш за неуспехот и ти си само одговорен. Не може успехот да биде само мој, а  одговорноста за неуспехот да биде заедничка – истакна Божиновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.