Анектираните граѓани кои не сакаат јавно да кажат за кого би гласале на престојните избори се најверојатни гласачи. Поголемиот дел од нив што ќе излезат да гласаат се наклонети кон опозициска партија, која и да е таа, вели во разговор за Република програмскот директор на Институтот за политички истражувања – Скопје, Владимир Божиновски.

Анкетата на ИПИС објавена денеска покажува дека 16,4 отсто од вкупно анкетираните не сакаат да кажат за кого ќе гласаат на парламентарните избори на 15 јули. Според Божиновски кај овие гласачи има одреден страв или нелагодност за да го кажат своето мислење околу тоа која партија ја поддржуваат.

Поголемиот дел од тие што ќе искочат на гласање, а најголемиот дел од оние кои што не сакаат да кажат за кого ќе гласаат излегуваат да гласаат, се определуваат за партија која што не е на власт, која што е во опозиција. Така беше и на претходните избори, така е и на другите претходни избори, така ќе биде и сега, потенцира Божиновски.

Анкетата покажува и дека 17,1 отсто од вкупно анкетираните се изјасниле дека не знаат за кого ќе гласаат. За нив, директорот на ИПИС вели дека дел од нив сепак ќе се определат, но најголемиот дел нема да гласаат.

Кај нив најмногу зависи како се одвива кампањата, какви се понудите на политичките партии итн. Тие се гласачи кои се определуваат во последен момент. Зборувам од тие што ќе се определат, но најголемиот дел нема да гласаат, вели Божиновски.

Анкетата додава Божиновски е направена на гласачи што се во државата. Од избирачкиот список каде има 1,8 милион запишани гласачи, барем 400 илјади има кои што не се во државата и затоа всушност, додава тој, процентите на реално излезени луѓе во државата кои што гласаат на избори е многу повисок од официјалниот.

Затоа велам дека дел од тие, особено кој што не сакаат да кажат за кого ќе гласаат, но и од тие што одговориле не знам, иако помал дел, ќе излезат и ќе гласаат. И на крај повторно процентот на излезност може да биде 50 – 55 отсто, иако реално всушност од луѓето кои се во државата гласале можеби 60, 65, 70 отсто, додава Божиновски.

Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС) спроведе кратко истражување во периодот помеѓу 2 и 5 Јули 2020 на 1.087 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.