Сѐ што е утврдено во Законот за употреба на знамињата треба да го почитуваат сите, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

По настанот во Охрид кога на Самоиловата тврдина беше поставено големо албанско знаме од страна на фолклорна група за што беше изречена и судска казна, Бошњаковски рече дека Владата не коментира судски одлуки.

Таму веќе имаме првична судска одлука. Владата не коментира судски одлуки. Меѓутоа, штом судската одлука е таква каква што е очигледно дека постојат некои прекршувања на Законот за употреба на знамињата, рече Бошњаковски прашан за коментар на изјавата на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи дека според Законот, албанското знаме може да биде поставено каде било.

Како што дополни Бошњаковски секое прекршување на Законот за употреба на знамињата се санкционира без разлика кое е знамето.

Во државава имаме Закон за употреба на знамиња со јасни одредби, клаузули и членови. Секаде каде што е тоа дозволено е дозволено, тоа е закон и сите треба да го почитуваат без разлика за кои знамиња станува збор. Доколку има прекршувања на законот апсолутно дека следуваат санкции, рече Бошњаковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.