Во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), бугарскиот премиер Бојко Борисов вели дека минатото е еднакво важно како и иднината и тврди дека Македонците се насилно преобратени Бугари од страна на комунистичката Интернационала, пренесува Дојче веле. Според извори во бугарските медиуми кои го пренесуваат разговорот, интервјуто било водено на крајот на октомври годинава.

Единствената земја, која го посакува почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ повеќе од Германија, е Бугарија, вели во интервјуто Борисов.

Тој смета дека најголемиот проблем е тврдењето за постоење на македонско малцинство во Бугарија, а Македонците ги смета за преобратени Бугари.

На прашањето дали има излез од актуелната ситуација во која Софија го блокира почетокот на преговорите, Борисов говори за прашањето за македонското малцинство во Бугарија.

„За мене беше големо изненадување последната Резолуција на Европскиот парламент за Бугарија во која беше отворена темата за наводно македонско малцинство во Бугарија. Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство, ве молам, да има во Бугарија? Јас не познавам такво. За првпат од таа резолуција дознав дека такво нешто постои. А тоа што бугарските социјалисти во Европскиот парламент гласаа за Резолуцијата, покажува дека тие мислат оти такво малцинство живее кај нас. Наместо да имаме позитивна дебата за европскиот пат на Република Македонија, сега се наметнува една сосема поинаква дебата. Морам да кажам дека мене ваквиот развој ми предизвикува голема загриженост“, вели Борисов.

Новинарот на ФАЦ го потсетува дека никој од македонската влада, ни премиерот Зоран Заев, ниту вицепремиерот Никола Димитров не тврдат дека постои македонско малцинство во Бугарија, на што Борисов одговара:

„Можен е компромис. Јас ги вложувам сите сили во тоа. Правиме се што можеме, за нашата билатерална историска комисија да изнајде компромис. Секогаш велев дека иднината е важна. Но мора да се познава и историјата. Бугарските комунисти и од сталинистичка Москва контролираната комунистичка Интернационала по Втората светска војна сакаа од идеолошки причини Бугарите во Македонија насилно да ги претворат во Македонци. Тамошните Бугари беа принудувани да се нарекуваат Македонци. Доколку во текот на процесот на пристапување кон ЕУ се појават погрешни претстави и јас не реагирам, моите политички противници ќе речат: Борисов ја продава бугарската историја и попушта пред притисокот на европските партнери“, вели Борисов за ФАЦ.

Извор: Дојче Веле

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.