Претседателот Стево Пендаровски се вклучи во глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ на Обединетите Нации, чија цел е подигање на свеста за заштита и спречување на насилство врз жени и девојчиња и родово базираното насилство.

Пендаровски во пораката истакна дека е нужно секој од нас да има нулта толеранција на сите форми на родово базирано насилство, во секоја сфера – во семејствата, во училиштата, во институциите, на работните места, на интернет, во медиумите, на јавните простори.

 

Сè поголемиот број на жени и деца, жртви на семејно и родово базирано насилство во текот на пандемијата, е последниот сигнал дека е потребен побрз одговор од институциите, сеопфатна стратегија и поддршка на жртвите на насилство.

 

Истовремено, должни сме како луѓе, насилството да го пријавиме и да им помогнеме на жртвите. И не само денеска, на Меѓународниот Ден за борба против насилство врз жените и девојчињата и родово базирано насилство или во следните #16ДенаАктивизам.

 

Против насилството заеднички треба да се бориме секој ден! – порача Пендаровски.

Во знак на поддршка на кампањата, „Вила Водно“ е осветлена во портокалова боја.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.