На денешното рочиште за „Рекет“ сведочеше и Лидија Младеновиќ, ќерка на сопственикот на продавницата за мебел „Зона мебел“, управител на „Зона текс“ и „Зона мебел“, од каде Бојан Јовановски го набавил мебелот за опремувње на „1 ТВ“.

Таа објасни дека не го познавала лично Јовановски, туку се слушнале телефонски. За набавката знаела само дека тој одбрал мебел за телевизијата и дека сакал да компензира со реклами. 

Сумата беше голема, не можеше сѐ со компензација. Потпишавме договор. Во февруари подигна гарнитура. Вкупниот долг што требаше да го плати, што не беше компензација, изнесуваше 296.000 денари. Ние не знаевме за каде му е мебелот, тоа го кажав и во Обвинителството. Договорот не е испочитуван. Ни компензација, ни плаќање на ратите за мебелот. Му пративме опомена пред тужба, па девојка дошла и оставила 2.750 евра како гаранција дека долгот за мебелот ќе се плати. Станува збор за долг за кожна аголна гарнитура, две кожни фотелји и масичка од брендот „Калигарис“, рече Младеновиќ.

Претходно, продавачката Весна Костовска од салонот „Пјер Карден Хоум“ за луксузен мебел и теписи, сведочеше дека обвинетиот Бојан Јовановски од таму купил само ТВ-комода.

Судењето за „Рекет“ продолжува утре со изнесување материјални докази.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.