Кривичниот суд ја добил одлуката на Апелација, која одлучи да ја потврди затворската казна за Бојан Јовановски – Боки 13 од девет години и за Катица Јанева од седум години. Откако ќе се комплетира предметот ќе биде препратен до судија за извршување санкции, кој треба да издаде наредба Јованвски од куќен притвор да биде однесен во затвор.

Кога Катица Јанева, пак, ќе замине во затворот Идризово, ќе одлучува судот во Гевгелија оти е надлежен по место на живееење на поранешната шефица на СЈО. Нејзините адвокати очекувале дека Апелација нема да им ги одбие жалбите.

Целиот случај е надвор од цела здраво разумска логика и правна логика. Ние на сите тие правни недостатоци и повреди во постапката укажавме во нашите жалби. Став на одбраната беше дека тие жалби требаше да бидат усвоени и предметот требаше да се врати пред првостепениот, Кривичен суд за да се исправат тие недостатоци – изјави адвокатката Ирена Фрчковска.

Според праксата на Кривичниот суд, лица кои се веќе во куќен притвор, со упатен акт се испраќаат во затвор. Дури потоа постои законска можност осудените да побараат прекин на издржување на затворската казна.

Катица Јанева е во куќен притвор од 19 ноември 2019 година, а претходно три месеци беше во затвор. Целиот овој период ќе и биде пресметан во затворската казна од седум години.

Боки 13 во домашен притвор е од 30 октомври лани, а претходно 15 месеци беше во истражниот затвор Шутка. И нему ќе му се пресмета овој период во казната затвор од девет години. Против него се води и случајот „Меѓународен сојуз“ за измами преку неговата хуманитана организација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.