Првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13 на денешното судско рочиште изјави дека се чувствува како политички затвореник и дека вистината за случајот ќе се дознае само ако има правичен процес.

Доколку Судот носи одлуки под притисок, како што истакна тој, не исклучува да штрајкува со глад.

Го молам Судот да носи одлуки без странични закани и притисоци. Денеска испратив писма до  амбасадорите на САД, ЕУ и Франција, Брнс, Жбогар и Тимоние, како и до  Хелсиншки комитет и побарав посета од нив во затворот, рече Јовановски пред судиите.

Тој себе си се нарече политички затвореник, а тврдењата за наводни закани по неговиот живот ги поткрепи со барање кое веќе го испратил до државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на кого, како што рече, сакал да му сподели строго доверливи информации. Јовановски се пожали дека закани почнал да добива по исказот даден пред Вилма Русковска.

На судијката Васка Николовска-Масевска ѝ укажа дека се уште не добил никаков одговор од Јовески иако, како што рече, се работи за многу сериозно барање.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.