Парламентарните избори завршија со сличен исход како тие во 2016 година, само со променети улоги. Разликата во пратеници е иста, само сега во корист на СДСМ. Но, она што е различно е што и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ загубија пратеници на свое конто.

Ако пред четири години, разликата беше 51-49 , сега таа е 46-44 за владејачката партија. Тоа им дава право и двете партии да се чуствуваат како губитници.Вистинските победници на овие избори се партиите на Албанците.

Тие го зголемија бројот на пратеници во однос на минатите барем за десетина и сега ќе имаат околу 30 пратеници во Собранието. Конкретно, ДУИ во 2016 година имаше десет пратеници а сега има 15. Алијанса на минатите избори имаше само тројца пратеници а сега ќе има 12. И Беса ќе има повеќе пратеници поради коалцијата со СДСМ иако таа стои најслабо во поддршка кај гласачите Албанци.

Тоа секако е дозволено, но е речиси неверојатно со толкава мала излезност во албанските средини во шестата и во втората изборна единици да се зголеми бројот на пратеници.

Причината за слабата излезност кај Албанците е што и и кај нив има големо иселување но и тоа што поради короната не допатуваа голем број на „сигурни гласачи“ од дијаспората.

Друга причина за зголемениот број на пратеници Албанци е големата разединетост кај гласачите Македонци. Тие наместо да гласаат масовно се одлучија или за бојкот на изборите или пак гласаа за некоја од помалите партии што се покажа како загубен глас.

Затоа сега ДУИ е во најкомотна ситуација и со право може да поставува услови за формирање на Владата. Рака на срце и заслужија.

За да го знаеме вистинскиот распоред на силите, како кај Македонците, така и кај Албанците потребен е попис на населението кој се најавува неколку години но никако да се реализира бидејќи сите како да се плашат од резултатите и последиците, како на политички така и на етнички план.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.