По вечерашната одлука судот да им одреди мерка притвор на ексминистерот Миле Јанакиески и уште седмина приведени во денешната акција за наводна злоупотреба на државно земјиште, се огласи Богдан Илиевски, познат како Бетмен Велит. Тој на својот фејсбук профил напиша:

ФАКТИ за монструозноста

Притвор се определува по три основи: 1. Опасност од бегство, 2. Влијание врз постапка и сведоци, 3. Повторување на дело

Ефективен притвор (колоквијално познат како „Шутка“) се определува како најстрога мерка, кога судијата на претходна постапка (оној кој определува мерки за обезбедување и ги цени околностите) пресудува дека е неопходно осомничениот да биде чуван во ќумез од 10 квадрати со чучавец, црвосан паркет, волнени ќебиња од време на кралство СХС.

Куќен притвор се определува како поблага мерка од ефективниот кога судот цени дека „не е толку ризична можноста за некоја од трите околности наведени погоре“, па покажува милозливост и му дозволува на осомничениот да го издржува притворот во својот дом, во кој има редовни контроли од МВР.

СУДОТ е ОБВРЗАН со закон да определи поблага мерка, доколку постојат услови за тоа. Проценката е субјективна, но суштински и логички се базира на проценка на факти.

Еве ги фактите.

Човекот прв пат беше притворен во ноември. Се сеќавате на истите копи/пејст службени белешки за него и за вториот притворен? На „стравувањата“ на обвинителство и суд дека можел да се даде во бегство? Имаше и лажни вести дека имал наводни сметки во странство, за кои пак тој се понуди ако му ги најдат, да го осудат на доживотен затвор. Ова се класични удбашки методи на балансирање на јавното мнение со лажни вести, за оние кои сакаат да поверуваат дека можел да побегне, да имаат за што да се фатат.

До притворањето, кое индикативно се случи неколку дена по заминувањето на неговиот поранешен претпоставен, човекот осомничен/обвинет во 5 предмети редовно се јавуваше во суд на секое рочиште. Тогаш од многумина определениот притвор „од никаде“ беше проценет како мерка/метод на одмазда за постапувањето на неговиот надреден.

После 50-тина дена беше пуштен во куќен притвор. Слушнав дека имал по 7-8 контроли на ден, од утро до вечер. Секој втор ден одеше на суд. Обвинет за 5 предмети кои носат потенцијално многу години робија, не побегна од дома, од трите мали деца и сопругата. Ревносно, ако може така да се каже, го издржуваше куќниот притвор.

Втор пат беше притворен во февруари. Ново обвинение, нов случај. Иако беше во куќен притвор, го спроведоа во ефективен притвор – Шутка. После инцидентот во кој беше нападнат во КПД Шутка, беше „вратен“ во куќен притвор. Не навлегувам во небулозите на овој случај, следбеник на нашиот во кој монструозната проценка на задолжените за објективност осакати 16 фамилии на два века робија. Зборувам САМО за околностите за определување притвор, ефективен или куќен. Значи, иако издржуваше притвор дома, судот го врати „по казна“ во Шутка. Иако никој контролор од МВР не се пожалил дека не одговорил на честите контроли, некои напати дури и во 3 наутро, судот некако одлучи дека сепак постои можност човекот да побегне. Го ставија, го истепаа, го вратија.

Повторно беше во куќен притвор. Повторно со по 10-12 контроли на ден, сведочат блиските. Повторно контроли во 3 наутро, кажуваат истите. Четири месеци, истата динамика. Судења секој втор ден, контроли секој ден. Сега беа шест процеси во кои вкупната потенцијална казна надминува далеку 20 години робија. Не замина од дома, не ги остави трите мали деца и сопругата.

Четири месеци подоцна, ново обвинение, нова пријава. Нов случај. Човекот е во куќен притвор. Го приведуваат. Иако издржува куќен, како и претходно, обвинителството стравува дека може да 1. избега, 2. влијае на постапката. И бара притвор. Судот повторно одобрува. Човекот е повторно во Шутка, од вечерва. Иако секој ден 12 контроли го проверувале, иако секој втор ден оди на суд… иако ги исполнува сите „должности“ од куќниот притвор, како поблага мерка на обезбедување присуство, за која судот има законска обврска да ја изрече… не бе бато, не вреди кога е во прашање сензибилитетот на некои обвинители и судии. Мики мора назад, во ќумезот, во 10м2. За да се сигурни дека баш нивниот случај со макс мазна од 3-4 години ќе ја прелее чашата и ако досега не побегнал од трите мали деца и сопругата со закана за 20+ години запретена казна, токму овој случај ќе го стори тоа. И ќе избега.

Наивност? Голема професионалност и предострожност?

Не.

Монструозност.

Немам ни школо ни причина да сум нечив личен адвокат. Но, сум адвокат на вистината. А вистината е дека човек по трет пат го носат онаму, иако веќе издржува без прекршувања поблаги мерки. Односно од куќен, по втор пат го враќаат во ефективен притвор. Дури и оние кои се на ивица на здравиот разум и логиката, ќе кажат дека ова е надвор од паметта. Надвор од секоја логика, не само правна. На граница на лудост? Не. Преку неа.

Сум прочитал три книги во живот, сум сретнал и знам доволно зборови за да се изразам. Не ми текнува ниту еден подобар збор за опис на ова што го сторија од: Монструозност.

nota bene: Ова е само еден агол на она што се случуваше денес. Најдобриот показател за „намерите“ на органите. За Димитар и Дејан, за ВМРО, за сето она што се прави веќе со години (втора светска траела пократко од овие случувања), ако почнам да пишувам, нема да довршам, додека дојдат можеби пак и по мене. Затоа што можеби ќе претпостават дека ќе го извршам кривичното дело Зломисла, казниво со смртна казна во главите на монструмите, точно дефинирано од Орвел, кој многу полесно од мене го опишал општеството кое се обидов да го дешифрирам во 30тина редови погоре, во своето тажно ремек дело 1984-та.

Господ да им дајт сила на фамилиите кои го трпат ова во моментов. А оние кои го прает, исто така ќе бидет еден ден под нечив суд. Дали земен, дали историски или оној Највисокиот… не знам. Ама правдината на крај секогаш победвит.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.