Во Брисел не се усвоени заклучоците за Западен Балкан.Чешка,Словачка и Австрија има забелешки на членот 8 од заклучоците предложени од претседавачот Германија за погрешното толкување на историјата. Иако според Берлин формулацијата би важела еднакво за Македонија, Бугарија и Грција, сепак, некои земји сметаат дека историскиот контекст во заклучоците е неприфатлив. Неофицијално ставот на Словачка, Чешка и Австрија бил дека премногу ѝ се попушта на Бугарија.

Спорната формулација гласи “Советот потсетува на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата”.

Неусвојувањето на заклучоците го потврди и чешкото министерство за надворешни работи. Во официјалното соопштение на шефот на чешката дипломатија Томас Петричек се наведува дека неговата држава силно го поддржува процесот на проширување.

Постоечкиот текст со заклучоците подразбира понатамошни компликации на патот во процесот на проширување, се вели во соопштението од неговиот кабинет.

Од друга страна германската канцеларка Ангела Мерклел очекува решение во блиска иднина. Одговарајќи на прашањата на Гинтер Крихбаум од Комисијата за европски прашања Меркел рече дека е во контакт со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Според Крихбаум упати критики поради тоа што германското ретседателство не успеа да започне преговори со Македонија.

Дека во Македонија постои длабоко разочарување поради тоа што не се успеа во гермаснкото претседателство да се усвои преговарачката рамка смета и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој ова го изјави по средбата со неговиот колега Сијарто во Будимпешта.

Во вчерашните заклучоци на ЕУ се вели дека земјите-кандидати треба да сторат сѐ за да стават крај на неправилната интерпретација на историјата. Се согласувам, но сметам дека ‘Слонот во собата’ е повеќе како да се спречи неправилната интерпретација на сегашноста и на иднината, истакна Османи, посочувајќи на Договорот за распоредување на силите на Фронтекс кој стои заглавен во телата на Унијата, токму поради противењето на Бугарија да прифати да ја признае сегашноста.

Во оваа насока, министерот посочи дека овој предизвик Македонија го има премостено преку билатерални договори со земјите-членки на ЕУ, што дополнително говори за автентичниот европски курс на земјата.

Дека преговарачката рамка нема да биде усвоена и дека првата меѓувладина конференција нема да се одржи стана јасно уште на 8 декември кога Бугарија стави вето на заклучоците поради спорот со Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.