Битола и Струмица испратија тимови од спасувачи за помош на настраданите во земјотресот во Турција.

Општината Битола соопшти дека тимот за брз одговор за спасување од планина и високи објекти од Дирекцијата за заштита и спасување, подрачна единица Битола, со 5 членови ќе биде дел од УСР единицата и веќе заминуваат во подрачјето погодено од земјотресот, а доколку се појави потреба, во целосна подготвеност за интервенција се и високопрофесионалните екипи на ТППЕ Битола кои се обучени за спасување од урнатини и земјотреси.

Струмица, пак,  ќе испрати 8 пожарникари во спасувачка мисија во подрачјето погодено од силниот земјотрес во Турција. Тие ќе бидат во состав на тимот за пребарување и спасување од урнатини (USAR тим), кој е во состав на Републичките сили за заштита и спасување при Владата на Република Македонија.

Ова го соопшти градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој истакна дека спасувачите ќе им помогнат на настраданите во земјотресот.

Нашите пожарникари се специјално обучени за вакви непогоди и имаат искуство од земјотресот во Албанија, напиша Костадинов.

Додава дека таквите катастрофи само укажуваат на фактот колку е немоќно човештвото пред моќта на природата и нејзините законитости.

Хуманоста, солидарноста и одговорноста во ваквите мигови е неопходна. Подготвени сме да бидеме поддршка на луѓето кои во моментот се соочуваат со големи човечки и материјални загуби, стои во соопштението од општина Битола.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.