До пред десет години не можеше ни да се замисли дека владините седници ќе се одвиваат онлајн, но пандемијата го покажа спротивното. И тоа како може да се функционира дигитално. Јавната администрација е подготвена, но не сум сигурен за останатите чинители во општеството и зошто одбиваат да одат онлајн, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешниот прв панел во рамки на 10. Самит на Мекдонија 2025.

Според Битиќи, дигитализацијата ќе биде една од капиталните инвестиции проектирани во Буџетот, а бенефитите допрва ќе се почувствуваат.

Битиќи изјави дека земјава ќе биде пионер, односно прва во Југоисточна Европа, па и во Европа, во однос на воведувањето асистенти за вештачка интелигенција.

Одлучивме дека за мала земја како нашата повеќе од потребно е да се има визија за најмалку 20 години и во таа насока ги креираме мерките. Креираме всушност такви мрки, минимум среднорочни зашто ниту еден процес, посебно не дигитализацијата во јавниот сектор, кај бизнисот и граѓаните, не треба да биде краткорочно решение – изјави Биитќи.

Тој изјави дека со самото тоа што на првиот панел од Самитот се зборува за дигитализацијата,  се покажува дека сериозно се сфаќа потребата од овој процес за општеството.

Битиќи вели дека во Министерството за информатичко општество и администрација се планирани 20 милиони евра за дигитализација.

Свесни сме дека дигитализацијата ќе придонесе за зголемување на транспарентноста, кредибилноста и демократијата што е клучно за бизнисите и инвеститорите. Целта на дигитализацијата е да се зголеми ефикасноста и ефективноста на сервисите, но и на ресурсите со кои располагате – изјави Битиќи.

Тој додаде дека од наредната година, институциите ќе бидат дигитално поврзани и операбилни.

На прашањето колку средства од Буџетот за 2022 година се предвидени за дигитализација, Битиќи одговори со примерот на субвенционирање во земјоделството.

Минатите 15 години, секоја година го субвенционираме земјоделството со над 100 милиони евра, но производството се намалуваше, а извозот растеше. Сме дале две милијарди евра, но за што се тие потрошени – посочи Битиќи, дополнувајќи дека земјава се уште се занимава со основни прашање како што е проблемот со обезбедување вода за пиење.

Британската амбасадорка, Рејчел Галовеј, се осврна на искористувањето на дигиталните вештини во процесот на образованието за време на пандемијата. Таа подвлече дека е клучно вештините кои децата ги имаат, да се пренасочат во нешто продуктивно, а не само во играње игри.

Децата се многу повеќе онлајн, особено последнава година, но прашањето е како знаењето и вештините да се претворат во нешто друго, не само во играње игри. Проектот во кој беа опфатени школите, а низ обуки поминаа и 3.000 наставници, даде одлични резултати. Целта беше како децата да ги употребат различно вештините. Сега гледаме програми за рециклирање, инкубатори, земјоделство. Тоа е одличен резултат. Учењето се преточи во знаење и креативно размислување – нагласи Галовеј.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.