„Зачудува потребата на ТВ 21 да остава медиумски простор на личности со сомнителна позадина и сомнителен кредибилитет, кои шират лаги за наводни вработувања на 300 пилоти, иако се знае дека потребата од пилоти во државата е далеку помала, без притоа да побара став од СДСМ“, се вели во соопштението на СДСМ.

Ова беше реакцијата на владејачката партија за емисијата „Клик Плус одаја“ во Арачиново во која посоченото лице, во живо во емисијата изјави дека најголемата лага која им била ветена е вработување на 300 пилоти.

Во текот на денешниот ден ТВ 21 контактирала со неколку членови на СДСМ за да бидат гости во емисијата 10 минути, за да се разјасни околу „лажните вести“ и личностите со сомнителен кредибилитет, но сепак ниту еден од нив не ја прифатил поканата. За волја на вистината, одговорното лице за медиуми во оваа партија, порачал дека ќе се обиде да испрати некој.

СДСМ најостро ги демантираше изнесените, како што велат од оваа партија, лаги во емисијата од Шаби Биљали. И тоа е во ред, бидејќи навистина бројката е преголема, од онаа колку што државата навистина има потреба од пилоти. Но, сепак, обвинувањето дека ТВ21 шири лажни вести преку лица со сомнителен кредибилитет, е тоа не е во ред.

Изјавата на Биљали во живо во емисијата „Клик Плус одаја“, не е лажна вест, туку изјава на лице со име и презиме.

„КЛИКПЛУС ОДАЈА“ е емисија отворена за сите граѓани кои сакаат на ТВ21 да ги раскажат нивните проблеми. Им овозможува на дискриминираните граѓани јавно да зборуваат. На ист начин се пренесуваат и маките на жителите на Арачиново, а претходно на Идризово и Визбегово. Воедно од ТВ21 потенцираат дека не поседуваат ресурси кои ги има СДСМ за да го верификува идентитетот на одредена личност и неговите податоци во реално време, во живо, надвор од своите телевизиски студија, во општина каде е гостин.

Од СДСМ тврдат дека за време на кампањата за претседателските избори Биљали сакал да отвори изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Арачиново иако таа партија таму нема никаква база, што според нив, дава и оправдан сомнеж за политичка заднина на изнесените невистини.

Но, доколку пребарате малку на интернет, пишуваат од телевизијата ќе се види дека истото лице, според фотографиите кои ги објавувал на неговиот фејсбук и според активностите е практично симпатизер на СДСМ. ОД ТВ 21 велат дека не се запознаени дали е член или активист, но според фотографиите, симпатизер да. Се поставува прашањето дали, посоченото лице е со сомнителен кредибилитет кога објавувало пропагандни вести за СДСМ и честитки за Заев кога станал премиер, или кога бил на централниот митинг пред влада? Но, главното прашање е што прави лице со сомнителен кредибилитет во штабот на СДСМ во Арачиново?

Ова веројатно ќе го истражи СДСМ и луѓето кои го пишуваа демантот испратен вчера, порачуваат до ТВ21.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.