Со песни и торжество, со благодарности и славословија, Бигорски манастир го слави богопрославениот патрон, својот заштитник, закрилник и небесен застапник, светиот славен и чесен пророк, Претеча и Крстител Господов, Јован.

Неговата чудотворна Бигорска икона и светите мошти во цветно украсениот храм излеваат благомирис и радост низ неговиот дом на падините од Бистра и ги напојуваат и успокојуваат душите на населниците и на поклониците.

Стотици верници беа синоќа во илјадалетното светилиште на свети Јован, за да му оддадат чест и пофалба, да го прослават, да му се помолат и да примат големи дарови од „земниот ангел и небесен човек”, чудесниот и чудотворен Крстител Господов.

Монашките заедници, под татковската грижа на нивниот возљубен старец, епископот Антаниски и игумен бигорски г. Партениј, со најголема љубов и пожртвуваност се вложија во подготовките за прославата на „најголемиот меѓу родените од жена”, примерот и заштитникот на монашкиот живот и подвиг, гласот кој вика од пустината: „Покајте се!”

Со сеноќно празнично бдение свештената бигорска обител го прослави громогласниот проповедник Божји од реката Јордан, раката која го покажа и го крсти Јагнето Божјо, сечесната глава која беше отсечена за вистината.

Соборното празнично ликување беше збогатено со духовниот раскош од присуството на почесните и почитувани гости: претставникот од Вселенската Патријаршија во Константинопол, великиот свештенопроповедник на великата Христова црква, архимандрит г. Панарет Псаравтис, долгогодишен пријател и брат од црквата на Грција, архимандрит г. Матеј Псомас, како и свештенопроповедникот на митрополијата на Верија и протопсалт архимандрит г. Херувим Мустакас, кој со својот прекрасен хор го украси бдението со благодатното светогорско византиско пеење.

Молитвениот благодарствен израз кон свети Јован, на почетокот од бдението го даде епископот г. Партениј, со својата пригодна беседа.

Крстителот Господов ја развива теологијата на духовната радост, на ликувањето на внатрешниот човек, кое произлегува од близината, од другарувањето со Христа. Ваквото вишно богословие е, всушност, основата на христијанското живеење, па затоа и главната книга на христијанското откровение се нарекува блага, радосна вест, односно Евангелие…

Конформизмот, телесните наслади и удопството во кои живее денешното општество, делуваат разорно и целосно го опустошуваат духот на современиот човек, па затоа тој сè помалку го доживува чувството на внатрешната радост и дишењето во слобода, за сметка на рамнодушноста, меланхолијата и очајот. Овој факт го прави уште погласен повикот на Јована Крстителот за покајание, за урамнотежена аскеза, за плодоносна самодисциплина и за еден нов молитвен живот, рече владиката Партениј.

Во своето повратно обраќање, пак, високопреподобниот архимандрит Панарет, кој допатува со група од педесетина словенојазични верници од Цариград, на голема радост и чест, го пренесе поздравот и благословот од Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј.

Преосвештен епископе Антаниски г. Партение, сечесни отци и браќа на оваа света Обител, браќа и сестри Христијани, дојдовме од маченичкиот Фанар, од Првопрестолната Црква Константинополска, за да го пренесеме татковскиот молитвен поздрав и патријаршискиот благослов на нашиот Вселенски Патријарх. Дојдовме да се поклониме, да богослужиме, да заедничариме од единствената Чаша, од едното Тело Господово. Пристигнавме со една славојазична парохиска заедница која во своето стадо вклучува Руси, Украинци, Грузијци, Молдавци, Кавкасци. А дојдовме тука затоа што знаеме колку е тешко да бидеш осамен и изолиран на едно место; дојдовме, значи, за да општиме заедно и на тој начин ни се дава можност да ве запознаеме, да нè запознаете и да ви посакаме многу години. А како спомен за нашата посета, Ви ја принесуваме оваа енколпија, со желба да имате долгогодишно архијерејство во оваа Обител. На многаја и благаја лета, посака тој.

Во продолжение, хорот од горенаведената парохија од Константинопол му испеаја многулетие на црковнословенски на владиката Партениј, кој срдечно им се заблагодари и ним и на почитуваниот отец Панарет, подарувајќи му архимандритски крст од илјадагодишнината на Бигорската Обител.

Денеска на денот на партонот по пречекот на надлежниот митрополит дебарско-кичевски, неговото високопреосвештенство г. Тимотеј и на некогашниот собрат на Бигорската обител, митрополитот тетовско-гостиварски, неговото високопреосвештенство г. Јосиф во 9 часот почнува света архиерејска Златоустова Литургија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.