Амбасадорите од земјите кои се спротиставија на отворањето на преговори со Македонија во јуни се под обврска дипломатски да ги изнесуваат своите забелешки и ставовите на државите кои ги претставуваат, но францускиот дипломат Жерар Аро е целосно слободен во
тој поглед.

Аро, еден од најистакнатите француски дипломати кој неодамна се пензионираше од престижната позиција амбасадор на Франција во САД, во изминатите денови отворено ја критикуваше можноста за отворање на преговори за прием на Македонија во ЕУ, и на јавноста ѝ пружи искрен увид во начинот на кој барем дел од француската дипломатија навистина гледа на проширувањето на ЕУ.

Ова би било секако добро за Северна Македонија, напиша Аро, коментирајќи на текстот објавен во британскиот „Економист“ во кој се изнесуваше став дека по промената на името ЕУ мора да го исполни своето ветување и да ѝ даде датум за преговори на Македонија. праѓувајќи „Но, дали ова непрекинато проширување е добро и за ЕУ? Од ЕУ направивме меур со кој не може да се управува. Моето искуство вели дека, кога многу земји се седнати на една маса, не може да се донесе никаква сериозна одлука, напиша Аро.

Оваа оценка на Аро предизвика критики од повеќе страни кои го поддржуваат проширувањето, вклучително и од косовскиот амбасадор Мухамет Брајшори, кој го потсети дека ЕУ вети проширување на Балканот уште на солунскиот самит во 2003 година.

Не гледате ли дека ЕУ веќе со 28 членки не функционира како што треба? Не можете ли да направите прагматична проценка на реалноста во Брисел пред да почнете да ми морализирате? ЕУ е соочена со огромна криза, а вие сакате да зборуваме за проширување?, нервозно одговори Аро.

Притиснат понатаму на ова тема, пензионираниот француски дипломат со четири децениско искуство во Ерусалим, Њујорк и Вашингтон, јавно го отвори прашањето дали Македонија и Албанија се воопшто подготвени да ги отпочне преговорите, но и дали граѓаните на земјите членки на ЕУ би сакале да ги примат.

Бидете реални место да попувате. Како прво, дали овие земји ги исполнуваат, значи реално ги исполнуваат, критериумите како што е добро владеење, борба против корупција идтака натаму? Второ, дали институциите на ЕУ се подготвени за ново проширување? Дали нашите граѓани поддржуваат проширување? И конечно, дали проширувањето треба да ни биде приоритет?, праша Аро.

Една од темите на која францускиот дипломат се навраќа во неговите недипломатски коментари изнесени на „Твитер“, е сомнежот дека идејата за проширувањето на ЕУ е „масло“ на Британија, која од нејзиниот влез во ЕУ сака да ја направи Унијата што е можно територијално поширока, но со тоа и помалку интегрирана и полабава.

Францускиот претседател Емануел Макрон, од друга страна, се залага за продлабочување на односите меѓу постоечките членки на Унијата, за пренесување на нови овластувања на властите во Брисел и создавање на нови заеднички институции меѓу членките како што би било на пример заедничко европско министерство за финансии, па дури потоа да дојде до прием на нови членки.

Пак ми морализирате. Кажете ми, каква унија сакаме? Да ја прошириме сега, а да ја продлабочиме подоцна, можеби? Еднаш веќе не излажаа. Нема да се случи повторно, вели Аро, мислејќи на претходното големо проширување на ЕУ кон источна Европа од 2004 година.

Овие проширувања Аро ги припишува на британската политика, за која вели дека е против создавање на силно интегрирана Европска Унија и поради тоа упорно бара додавање на нови членки, дури и додека самата ја напушта Унијата.

Британија отсекогаш беше за проширување на ЕУ, за било какво проширување. Нивна постојана и успешна политика беше разводнувањето на ЕУ, Аро вели во остра дискусија со британскиот коментатор Џејмс Кер – Линдзи, кој пак е еден од најгласните поддржувачи на Зоран Заев и на менувањето на името на Македонија, и пред Аро ја застапуваше тезата
дека Заев треба да биде награден со датум за преговори.

Аро во април беше испратен од Вашингтон со сите дипломатски почести, по пет години поминати како француски амбасадор во американскиот главен град. Познат по екстравагантните забави кои ги приредуваше со неговото момче, фотографот Паскал Блондо, амбасадорот Аро на заминување од Вашингтон упати низа предупредувања дека со Брегзит, и изборот на Трамп за претседател, дојдени сме во време кога не функционираат старите мултилатерални пријателства, и дека сите односи треба да се гледаат низ призмата на односот на силите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.