Македонскиот премиер Зоран Заев на заедничка прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека македонскиот народ е во големо исчекување. Tој додаде дека сега и веднаш ни треба одлука за почнување на преговори.

Да не дозволиме да ни ги изгаснат светлечките ѕвезди. Политички и институционално сме подготвени да ги почнеме преговорите, рече тој.

Заев вели дека ако не ја добиеме заслужената позитивна одлука, ќе следи големо разочарување.

Бидете наши херои. херои. Европскиот пат е наш единствен пат. Еве го октомври. Дојдовме во Брисел и ја очекуваме заслужената вест за одлука за да почнеме преговори за нашата стратешка цел, членството на Северна Македонија во Европската Унија. Пристапивме искрено и чесно, разбираме и прифаќаме дека одделни членки на Европската Унија имаат потреба да ја отворат и заокружат дебатата за новата методологија за преговори. И ние сме за тоа.  Сепак, сигурни сме дека и двата процеси можат и мора да одат паралелно. Методологијата може да се развие и спроведе, и тоа никако не пречи Северна Македонија да добие позитивна одлука сега и веднаш, за да ги започнеме преговорите за пристапување со ЕУ. Ни треба позитивна одлука сега и веднаш, се обрати Заев до европските лидери.

До народот порача дека од ова искуство ќе излеземе посилни и поискусни.

Нашиот пат е еден и исправен – преку заедништво, работа и меѓусебно почитување постигнуваме резултати. Никој не може да ни ги одземе реформите и промените кои заедно ги постигнавме, а од оваа неизвесност ќе излеземе само посилни и поискусни. И никој не може да не спречи да продолжиме по патот по кој цврсто напредуваме – патот на раст на платите, патот на борба против корупцијата, сиромаштијата и загадувањето, патот на социјална заштита на ранливите, патот на градење институции кои се поткрепа на секој граѓанин. 

Тоа е патот по која одеа и одат сите земји членки на НАТО и ЕУ. Преку внатрешно јакнење и преку регионална соработка со сите наши соседи и со сите земји кои се наши пријатели, ќе продолжиме уште посилно да ја градиме Северна Македонија како земја на можности, мозаик на вредности и различности. 

Почитувани граѓани, стануваме членка на НАТО, што беше наша стратешка цел од независноста до денес. Тоа не носи неповратно напред, стабилни и безбедни во сојуз со најмоќните. Во исто време ќе продолжиме да бидеме пример и мотивација за позитивна промена во регионот. Јасно е дека Балканот се промени и дека станува извор на стабилност. ЕУ добро го знае тоа и мора да прифати дека и Балканот е европски. Остануваме посветени и со работа докажуваме каде ни е местото. 

Тоа е добро за нас, за регионот и за самите ЕУ. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.