Во текот на вчерашниот ден, од страна на неколку медиуми беше пласирана навредлива и пред се неточна информација, во врска со трошоците кои министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, наводно ги направил за време на неговиот мандат, се вели во демант од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во врска со пишувањата на порталот Шќип медиа дека министерот Хоџа за шест месеци откако е на функцијата потрошил повеќе од 22.000 евра на ручеци и кафиња.

Демантот го пренесуваме во целост:

„Најостро ги демантираме ваквите невистини, кои се пласирани со цел да му се наштети на угледот на министерот Хоџа и да се обезвреднат постигнатите резултати од неговото работење.

Како доказ дека изнесените информации за наводно потрошени 22 илјади евра од почетокот на неговиот мандат, се груба, недолична и безобразно конструирана лага, во прилог Ви доставуваме детален шест месечен извештај за сите  трошоци направени за време на неговиот мандат. Дополнително, во прилог Ви доставуваме и наративни извештаи од реализираните активности на министерот Хоџа. Напоменуваме дека наративните извештаи не ги содражат безбројните состаноци со многу земјоделци, бизнисмени, партнери, колеги, секторски и подсекторски групи, работни групи, комисии итн. кои се трикратно повеќе од она што министерот дневно го објавува на функционерскиот фб профил.

Со цел јавноста да добие кристално јасна слика за работењето на министерот Хоџа, напоменуваме дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е едно од најкомплексните министерства со 42 подрачни единици на целата територија и вкупно 1.037 вработени. Тоа само по себе доволно го опишува обемот на работа, кој и во услови на пандемија не беше прекинат ниту во еден момент и сите работни задачи се извршуваа тековно без застој и секогаш во интерес на земјоделците.

Уште еднаш, најостро ги демантираме изнесените навреди и лаги. Ваквиот срамен чин ние го разбираме само како СТРАВ од успехот кој министерот Хоџа го постигна за многу кратко време. Очигледно дека тоа некому му пречи, па се обидува преку груби невистини да нанесе штета не само на министерот туку на целиот сектор земјоделство, кој тој успешно го води. Земјоделците одлично го прифатија, тој за кратко време ја стекна нивната доверба, постојано нагласувајќи дека процесот на унапредување на земјоделството ќе биде воден партнерски, заедно со нив.

Оние кои се плашат и му завидуваат на туѓиот успех, никогаш нема да ја достигнат радоста, бидејќи разликата помеѓу нас и нив е суштинска. Успешните луѓе се фокусирани на развој, идеи и планови. Неуспешните пак, секогаш се фокусирани на другите. Тие љубоморно гледат на туѓиот успех, а всушност сфаќаат дека пред очи им се случува пораз.

Ние ќе продолжиме и понатаму да работиме чесно и транспарентно.

П.С. 

На сите медиуми кои досега ги следа активностите од нашето работење и секогаш известуваа вистинито и навремено, им благодариме за соработката. За сите останати, кои шират лаги и навреди ќе биде побарана одговорност за штета нанесена на честа и угледот на министерот Хоџа, согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

П.С. 

Согласно алатката за отчетност на носителите на јавни функции, сите информации се јавно достапни на веб страната на Владата на РСМ. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство редовно ги доставуваа информациите за финансиските трошоци како и наративните извештаи за активностите на министерот.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство испрати и детален наративен извештај за сите средби на министерот, откако ја презел функцијата, како и табеларен преглед на сите направени трошоци кои се достапни и на веб страната на Владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.