Mожноста за продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави и енергетската криза беа дел од темите за кои станало збор на средбата што во Вашингтон се одржа меѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Ескобар, како што соопшти Министерството за финансии, ја потврдил политичката поддршка од страна на САД за земјата, како и силната агенда за земјите од Западен Балкан.

Заложбите на САД целиот регион да се интегрира во ЕУ се видливи и недвосмислени. Економската интеграција на целиот регион е значајна и за ЕУ и за Западен Балкан, и иницијативата Отворен Балкан има значаен потенцијал да даде резултати во регионалната соработка, истакнал Ескобар.

Покрај политичката поддршка од САД, иницирана е и економска и бизнис соработка меѓу двете земји. Двете страни се согласиле дека постои огромен потенцијал за американски инвестиции во земјава, особено што од 2020 година Македонија е сојузник со САД во НАТО.

На заедничка согласност и задоволство, иницијативата за бизнис соработка и реализација на инвестиции ќе претставува идна активност преточена во план и агенда во билатералната соработка на САД и РС Македонија, велат од Министерството за финансии.

Средбата е одржана во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка на кои присуствува министерот за финансии Фатмир Бесими.

На средбата е упатена и благодарност до земјава за тоа што како НАТО сојузник се приклучи кон повикот за запирање на воените дејствија во Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.