Младите од Движење Беса денеска пред зградата на Владата оставија дршка од метла зашто сметаат дека реконструкцијата во владиниот состав е козметичка и рециклирање на неспособниот кадар.

Преку најавувањето на фамозната „метла“ сите мислевме дека навистина ќе почнат промени и реформи. Но, за жал, после оваа козметичка реконструкција на владата, се прави рециклирање на неспособните кадри, наградувајќи ги со министерски позиции токму тие политичари што потфрлија во работата во нивните министерства, со што дефинитивно се потврдува дека оваа влада треба што побрзо да падне, изјави Лиридон Хусеини, претседател на младите на Движење Беса.

Додаде дека Владата води погрешни политики со што секојдневно ја гасне надежта на граѓаните. Дршката од метлата ја оставаат, рече Хусеини, затоа што премиерот не успеал да ја употреби „метлата“ што самиот ја најавил и порачаа да им ја даде на министрите на кои, како што рече, „не им се слуша гласот и не знаат зошто се дел од вашиот кабинет“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.