Собранието го верификуваше мандатот на пратеникот Зекир Рамчиловиќ. Тој во Парламентот доаѓа на местото на Љупчо Николовски, кој, пак, треба да биде дел од новата влада како вицепремиер за борба против корупцијата.

Констатирана е и оставката на Радмила Шекеринска, која и во новата влада ќе биде министерка за одбрана, но засега нема информации дали ќе го задржи и вицепремиерското место. Повторно, се чека информација од ДИК за името на новиот пратеник кој треба да дојде на местото на Шекеринска по што ќе биде верификуван неговиот мандат.

Според листата на СДСМ во петтата изборна единица, каде што Шекеринска беше носител, следни кандидати, на 9. и 10. место се Горна Козарев и Самка Ибраимовски. Сепак, пратеничкото место, согласно со Изборниот законик, е резаервирано за 11. кандидатка, со цел да се застапи принципот на соодветна родова застапеност во парламентот.

Според тој принцип, на местото на Шекеринска во парламентот влегува Белкиса Зеќири како кандидатка од општинската организација на СДСМ во Маврово-Ростуше.

На собраниските седниците за верификација на мандатите не присуствуваат пратениците од опозицијата, бидејќи, според нив, постапката е спротивна на Деловникот, а верифиакцијата се врши врз основа на извештај на ДИК, а по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а не по предлог на Верификационата комисија.

Претходно, Собранието ја констатираше оставката на мандатарот Зоран Заев.

Истата постапка за верификација на мандатите ќе се примени и за останатите пратеници кои треба да бидат дел од новата влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.