Се прават напори за да им се излезе во пресрет на основните и на средните училишта и наставата во зимскиот период да се одржува со физичко присуство, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

Тоа е надлежност на општините, но децата многу изгубија во време на ковид пандемијата и сега заради енергетската криза подобро да им помогнеме на училиштата отколку да ги оставиме децата да изгубат многу. Потрошувачката за петте месеци, од ноември до март, за сите училишта на ниво на државата е околу 10 гигават часови и тоа може да го обезбедиме преку ЕСМ и убеден сум дека ќе најдеме решение, рече Бектеши во централниот дневник на телевизија Сител.

Според неговите проценки, училиштата не би требало да имаат проблем до крајот на март.

Несериозно е, смета Бектеши, тоа што 2487 правни субјекти во државата сеуште немаат склучено договори за снабдување со електрична енергија. Од нив, 60 проценти се под надлежност на локалната власт.

Не е во ред училиштата да се остават без снабдувач со електрична енергија затоа што кога немаш снабдувач со електрична енергија, а на берза цената е 400 евра, автоматски треба да платат 600 евра за да не останат неснабдувани објектите со електрична енергија. Сите правни субјекти ги знаеле роковите кога им истекуваат договорите, истакна Бектеши, додавајќи дека во надлежност на општините е набавката на електрична енергија за училиштата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.