Заразеното 15-месечно дете од Ковид-19 во градинката „13 Ноември“ во Општина Центар во Скопје е најновиот случај на заразен со корона вирус откако градинките почнаа со работа на деветти септември.

Од отворањето на градинките има три случаи на заразени вработени во градинки во Скопје, Битола и во Свети Николе, а сега и 15-месечно дете. Според информации од родителите на детето, го оденеле во градинка само на денот кога се отворија, а таму било само еден час на адаптација во јаслите. По некој ден тие им јавиле на негувателките дека нема да го носат во градинка, затоа што не се чувствувало добро. Родителите мислеле дека симптомите се поради вадење на заби, но сепак, добиле сомнеж дека можеби станува збор за присуство на вирусот. И, затоа, детето и родителите се тестирале. По направениот тест е потврден Ковид-19. Направена епидемиолошка анкета во јаслената група во градинката, па и децата и двете негувателките се во самоизолација.

По само неколку дена од отворањето на градинките, кои се отворија без тестирање на вработените, се појавија неколку случаи на заразени од Ковид-19. За ова министерството за труд и социјална политика и министерството за здравство молчат.

Прв ден во градинка и важно e да направиме сѐ за да го зачуваме здравјето на најмладите и да не дозволиме ширење на вирусот во градинките и во семејствата. Родителите и воспитувачите со свој личен пример да ги едуцираат, поттикнат и охрабрат најмладите да ги почитуваат мерките за одржување дистанца и лична хигиена. Апелирам до воспитувачите и негувателите да ги почитуваат протоколите и да ги охрабрат децата на честа хигиена и здрави навики, до родителите да внимаваат доколку детето појави симптоми да не го носат во градинка и да ги почитуваат протоколите. А, на децата им посакувам пријатен и безбеден престој во градинка – напиша министерот за здравство, Венко Филипче пред неколку дена на социјалните мрежи.

Реакција за начинот на кој беа отворени градинките стигна и од ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Заев и СДСМ се неспособни да се справат со корона кризата. По целосно фијаско во справување со корона кризата во здравството, денес сме сведоци за фијаско и во процесот на отворање на градинките и училиштата. Немањето на план за скрининг за вработените во градинките не доведе до тоа да тие се отвораат без било какви промени во начинот на нивното функционирање. Сето тоа стартуваше без соодветна дообука на персоналот како да се справува и како да се однесува и функционира во период на корона епидемија и без скрининг на персоналот. Поради тоа се случува градинките да бидат отворени и повторно затворени. А децата и нивните семејства и постари членови од семејствата да бидат изложени на ризик. Оттука неспроведениот скрининг на вработените и несоодветната организираност се закана за нов корона кластер во градинките – стои во едно од соопштенијата на партијата.

Дополнителен доказ за тоа дека властите немаа обeзбедено услови за децата бeзбедно да се вратат во градинките беше и изјавата која родителите беа принудeни да ја потпишaт при запишување на нивните деца во градинките. Во таа изјава меѓу другото, стоеше и дека градинката не може да даде гаранција дека нивните деца нема да зaболат од Ковид-19.

Според новите студии, во другите држави се воведува редовно тестирање на наставниот кадар и децата. Дури се предвидува да се тестираат и сите ученици и деца кои посетуваат училишта и градинки, не само деца со акутна инфекција на дишните патишта. И, додека во другите земји се воведува редовно тестирање по градинките и училиштата, во Македонија вработените во овие установи и децата се оставени сами на себе, поради негрижата на власта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.