Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја добил предлог-одлуката за формирање анкетна комисија за утврдување на прекршување на законите и злоупотреби во работењето на СЈО, доставена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Од кабинетот на Џафери информираат дека предлогот е пуштен во процедура и дополнително ќе известат кога точката ќе биде ставена на дневен ред на седница.

Од најголемата опозициска партија во текот на денов побараа да се утврди како биле трошени средствата и на кој начин се постапувало по одредени процедури внатре во самото СЈО .

Анкетната комисија не би се занимавала со било какви обвинителски или судски предмети бидејќи не сака ниту може да биде обвинител, ниту судија, но би го утврдувала начинот на материјално и финансиско работење на обвинителството, почитување на постоечките законски процедури и деловодници внатре во самото обвинителство, изјави пратеникот Антонио Милошоски.

Анкетната комисија би се состоела од претседател предложен од ВМРО-ДПМНЕ и 10 членови. Како придружни членови или набљудувачи, би биле поканети и претставници на шведската, американската и холандската амбасада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.