Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ,Александар Николоски, на вонредна прес-конференција која се одржа вечерва,а се однесуваше на објавените ПИ-мерки за случајот „Рекет“, нагласи дека јасно и недвосмислено се гледа дека Зоран Заев и врвот на СДСМ стои зад целиот случај и дека рекетот бил координирана акција.

„Од објавените снимки лесно може да се дојде до заклучок дека Катица Јанева лани во јуни или јули имала минимум една средба со тогашниот премиер Зоран Заев. Второто е дека Зоран Милески имал средба со Вице Заев, братот на Зоран Заев. Што зборувале на тие средби и како е возможно да се среќавале ако претходно воопшто не се познавале“, запраша Николоски вечерва.

Според него браќата Заеви треба да дадат искази пред судот, бидејќи со денешното рочиште во судот, станало јасно дека случајот „Рекет“ бил „добро координирана акција од самиот врв на власта во која се изрекетирани многу повеќе бизнисмени и земени се многу повеќе пари од она што се претставува“.

„Ова е врв на скандалот. Бараме да се прикажат целосните снимки каде што Јанева се сретнува со Заев и да се појасни како се познавале, бидејќи тоа ќе потврди дека обвинетите биле извршители, а наредбодавци биле врвот на власта и семејството Заеви“, рече Николовски.

Тој нагласи дека цел ден чекале Заев да се огласи во однос на снимките, но тоа не се случило, поради што закажаа вонредната прес-конференција. ВМРО-ПДМНЕ го повика и министерот Наќе Чулев да го истражи случајот, надлежните да ги објават пред судот наводните тонски записи меѓу Вице Заев и Зоран Милески, како и меѓу Зоран Заев и Катица Јанева

„На Боки 13 никој не би му дал ни денар, а не милиони, ако не стои зад него“, рече Николоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.