Ако Пендаровски сака да се сретне со мене тет-а-тет, прво треба да докаже дека е претседател на сите граѓани со тоа што ќе им се извини на граѓаните за изјавата за Гоце Делчев и ќе ја повлече. Вака лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски реагираше веднаш по изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин, во јуни годинава.

Оваа изјава од бугарската страна беше пречекана еуфорично, како конечна потврда дека иако се борел за независност на Македонија, Делчев бил Бугарин.

Му честитам на македонскиот претседател, г-дин Пендаровски! За првпат од 1944 година ја слушаме од Скопје вистината за Гоце Делчев! Да, тој се прогласи за етнички Бугарин, без толкувања!, напиша тогаш бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

Но, во вчерашното интервју за „Сител“ телевизија, претседателот ја сврти касетата од страната „Б“. Пендаровски објасни дека Делчев морал да се пише како Бугарин, поточно не можел да се пише Македонец.

Еве ви еден практичен пример. Денес, јас или вие ако бараме бугарско државјанство мора да се пишеме, не само ние туку и сите наши предци дека се Бугари, дали е точно тоа или не меѓутоа за да добиете бугарско државјанство во 2019 вие мора да се пишете за Бугарин. И сега сакате да ме убедите дека во тој историски контекст, повторувам и инсистирам на тоа, во тој историски контекст 1900 – 1901 година дека Гоце Делчев можел да се пише Македонец? Такви биле околностите во тој период, рече Пендаровски во интервјуто за „Сител“, додавајќи дека неспорна е каузата за која се борел Делчев и побара тоа двете страни да го констатираат.

Имајќи предвид дека никогаш не се извини за претходната изјава за македонскиот деец, може ли токму ова интервју да се смета за извинување? Во тој случај, ова може да се смета за последен во низата на чекори кои Пендаровски ги направи, а со кои отворено и јавно им се спротивставува на Зоран Заев и политиките на СДСМ.

Пендаровски првпат покажа заби кога повика сите инволвирани или споменати во врска со случајот „Рекет“ сами да се пријават и да дадат изјави, а не да чекаат да бидат повикани од надлежните органи.

Едноставно, како политичари сме должни да дадеме чист одговор пред јавноста дали преку соопштение или преку изјави пред надлежен орган и да кажеме – јас со таа и таа работа немам ништо, изјави Пендаровски.

Тој додаде и дека лично како човек е разочаран од Катица Јанева, во време кога ниту Заев, ниту неговата партија се уште не ѝ го завртеа грбот.

Во неговото ображање по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, тој повика повторно да го обновиме единството што го имавме на почетокот на независноста.

Можеби најострата реакција од Пендаровски беше и изјавата дека доколку Заев огрешил, амнестија од него да не очекува.

Можам и јавно да кажам дека немам никаква намера и денес и во следните пет години да го амнестирам Зоран Заев ако направил криминал и кого било од неговите блиски соработници во партијата или во Владата ако направиле криминал. Тоа можам да го кажам и да се држам до тоа до крајот на мандатот, рече во интервју за „Слободна Европа“ Пендаровски.

Доколку на ова се додаде и вчерашното интервју, сосема логично е да се каже дека претседателот сè повеќе се обидува да ѝ се приближи на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, кои пак секојдневно посамоуверено најавуваат убедлива победа на следните парламентарни избори.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.