Православните христијански верници во државава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Оваа година поради пандемијата ќе изостане вообичаеното масовно одбележување пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Одборот за прослава на Бадник, најави дека традицијата, сепак, продолжува и покрај ситуацијата со коронавирусот, водејќи сметка за сите заштитни мерки и протоколи. Кум на манифестацијата годинава е проф. д-р Никола Пановски, а здравичар проф. д-р Миодраг Врчаковски.

Нема да има делење на бадникови гранчиња во дворот на Соборниот храм „Климент Охридски“ во Скопје, туку на главниот влез на црквата и на влезот од страната на камбанаријата.

Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Нема да се одржат ниту традиционалните детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот христијански празник Рождеството Христово – Божик.

На 6 јануари напладне каде и да се наоѓате на планетата Земја, запрете за миг и помолете се за подобра година за сите, апелира Здружението за православни вредности „Бадникови поворки“ по повод овогодинешното чествување на Бадник и Божиќ.

Околностите, посочуваат од Здружението, не дозволуваат да ја организираме традиционалната божиќна манифестација, ниту да формираме поворки на радост низ улиците, но ништо не’ не спречува, од топлината на своите домови, да ја пееме божиќната песна погласно од било кога.

Оваа година ќе имаме еден поинаков, но не помалку радосен Божиќ. Божикната песна ќе не’ сплоти во силна заедничка молитва и ќе не’ предизвика, полни со верба и надеж, радосно да го најавиме Христовото Раѓање!, потенцираат од Здружението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.