И премиерот на Република Чешка Андреј Бабиш, кој ја предводи чешката владина делегација, која е во работна посета на земјава, имаше чест да се вози во блиндираниот мерцедес, кој на Заев му донесе предизборна слава, а на Груевски две години затвор.

Мерцедесот кој требаше да биде продаден за амбулантни возила не само што не се продаде, туку и редовно се сервисира и се користи.

Во моментов активна е јавна набавка на гуми за овој мерцедес. Владата ќе го поднови со пневматици за 53.000 евра.

Освен што изјавуваше дека мерцедесот на Груевски е неудобен, непотребен и симбол на расипничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Заев со ништо не покажа дека не е интимно врзан со возилото.

Ќе го вратиме тенкот, Мерцедесот на Груевски од 600.000 евра и со парите од неговата сегашна вредност ќе набавиме амбулантни возила за клиниките во Македонија. Нека биде ова симбол на новото време во кое ставаме крај на расипничкото трошење и воведуваме социјални политики, согласно потребите на граѓаните, ќе рече Заев на еден од партиските митинзи во предизборието.

Сепак, „тенкот на Груевски“ редовно го користи тој, сам или во придружба на министрите, а без исклучок се вади од гаража кога има странските делегации. Мерцедесот за кој Груевски доби 2 години затвор, а Ѓоко Поповски 6, им ја гарантирал безбедноста на Меркел, Меј, Столтенберг, Хан, Жидан, Курц…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.