Агенцијата е непријатно изненадена од вчерашната одлука на Владата, да даде негативно мислење за Регулаторната стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност за периодот од 2019 до 2023 година и да побара нејзино ревидирање поради тоа што не е усогласена со „другите стратешки документи за развој на оваа област, реагираат од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Со одлуката да даде мислење и да бара ревидирање, Владата, ги надмина своите надлежности и постапи спротивно на насоките од извештаите на Европската комисија за напредокот на државата и на препораките на Советот на Европа, за гарантирање на независноста на регулаторните тела во областа на медиумите.

Имено, во клучната Препорака на Советот на Европа за независноста и функционирањето на регулаторните тела, јасно и недвосмислено се истакнува дека јавните власти не смеат да влијаат на независноста на медиумските регулатори. Основната цел на овие препораки е да се спречат токму ваквите упади на извршната власт во работењето на регулаторите – соопштуваат од АВМУ.

Регулаторната стратегија била доставена до Владата, до Собранието и до МИОА не за усвојување туку за да ги информира за тековните состојби во медиумската сфера, како и за активностите коишто Агенцијата ќе ги преземе во следните пет години, во насока на подобрување на одредени аспекти во сферата на медиумите.

Оваа стратегија не е неусогласена со, како што наведува Владата „другите стратешки документи за развој на оваа област“, имајќи предвид дека такви документи не постојат. Агенцијата, за да изработи издржана и квалитетна стратегија, во нејзиното изготвување ги вклучи пошироката експертска јавност, новинарските здруженија, граѓанските организации од сферата на медиумите, преку учество во бројните одржани состаноци и јавни расправи – велат од АВМУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.