Агенцијата вчера му укажа на јавниот радиодифузен сервис дека нужно мора да води сметка сите вработени кои се ангажирани во подготвување на програмите да ја почитуваат одредбата од Изборниот законик, според која тие не смеат истовремено да учествуваат и во предизборни активности на политички субјекти.

Укажувањето беше упатено откако, преку снимки објавени на социјалните мрежи, беше утврдено дека новинарката на МРТ1, Гордана Ѓорчева, беше водителка на 18-та Конференција на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ која се одржа во неделата, на 3 март 2019 година. Инаку, со мониторингот на известувањето во предизборниот период беше констатирано дека на програмите на радиодифузерите, кои во моментов се предмет на надзор, таа не се појави во прилозите од овој настан.

Агенцијата ги потсетува сите радиодифузери дека уредници, новинари, водители на програма и презентери кои се ангажирани во подготвување програми на радиодифузерите, мора да ја почитуваат оваа забрана, која важи од распишувањето до завршувањето на изборите.

Укажувањето за МРТ1 е достапно на веб страницата на Агенцијата во делот ИЗБОРИ 2019.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.