Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги одговорија на демантот што Министерството за внатрешни работи го испрати откако директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски, во емисијата „Код“ изјави дека според одредени информации, на шоуменот Бојан Јовановски-Боки 13 му било доделено обезбедување од Министерството затоа што добивал закани. Од Агенцијата го повикуваат Министерството меѓуинституционалната соработка и транспарентноста кон јавноста да не ги етикетира како ширење дезинформации.

Агенцијата се обрати до МВР за да ги провери сознанијата дека на лицето Бојан Јовановски му било доделено обезбедување како на сопственик на 1ТВ. Како што и е познато на јавноста, регулаторот има започнато постапка за утврдување дали е прекршена законската одредба која забранува тајно содружништво. За да ја утврди фактичката состојба, Агенцијата се обраќа до релевантни државни органи кои би можеле да имаат информација од значење за постапката“, велат од Агенцијата.

Од таму додаваат дека во овој контекст е и изјавата на директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски во емисијата „Код“ којшто јасно посочува, како што велат, дека се чека одговор од МВР за да се утврди вистинитоста на добиените сознанија.

Најефикасниот начин за борба против дезинформации и лажни вести е проверката на факти. Токму затоа, се додека не ја затвори постапката, Агенцијата ќе продолжи да бара информации од надлежните институции. Што се однесува до информацијата побарана од МВР, се надеваме дека таа ќе ни биде доставена со истата брзина со којашто беше изготвен вчерашниот демант“, соопштија од АВМУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.