Наодите од мониторингот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, покажаа дека за време на првиот круг од изборната кампања не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик.

Во Извештајот за начинот на известување на радиодифузерите, што денеска го објави Агенцијата, во периодот од 27 септември до 15 октомври, беа мониторирани вкупно 13 програмски сервиси.

Станува збор за националните комерцијални телевизии Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител, Телма, 24 Вести, 21-М, Шења и Клан Македонија и програмските канали на Јавниот сервис – МРТ1, МРТ2, Собранискиот канал и Првата програма на Македонското радио.

Паралелно со овој мониторинг, Агенцијата вршеше мониторинг и за емитуваното платено политичко рекламирање на 41 телевизија и 48 радија, кои во предвидените законски рокови се регистрираа во Државната изборна комисија, чиј извештај ќе биде објавен во рокот предвиден во Изборниот законик.

Соред извештајот на АВМУ, сите комерцијални сервиси на национално ниво вложија напори да обезбедат медиумско покривање на изборната кампања и речиси сите, освен што информираа во дневно-информативните емисии, за учесниците во изборите резервираа и повеќе посебни информативни програми. Кампањата не беше покриена во согласност со принципите на еднаквост за кандидатите за градоначалници и пропорционалност за кандидатите за општински советници.

Редакциите ја следеа изборната кампања прагматично, претежно според очекувањата од општото политичко искуство за досегашните изборни процеси, давајќи им приоритет на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ и на нивните коалициски партнери, а не според појдовните принципи од наведените законски барања. Но за таквата констатација има низа објективни причини, во случајов тргнувајќи од основната – огромниот број потврдени кандидати за градот Скопје, за скопските општини поединечно, но и за сите други општини во државата, се вели во Извештајот.

За Јавниот радиодифузен сервис, оценката на АВМУ е дека ги почитуваше законските барања за структурата на дневноинформативните емисии, за емитување дебати и бесплатно политичко претставување. Собранискиот канал емитуваше бесплатно политичко претставување на повеќе учесници во изборите, распоредувајќи го времето според законската одредба.

Информирање за лицата со сетилна попреченост единствено обезбедија МРТ 1 и ТВ 24 Вести, се вели во Извештајот за медиумското известување во првиот круг од кампањата за Локалните избори 2021.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.