Финансиските резултати од работењето на јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии и радија за минатата година покажуваат дека македонските медиуми лани оствариле загуба од 96,91 милиони денари, се наведува во Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018 година.

Во Анализата, изработена од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), се посочува дека на крајот на 2018-та, Македонската радио-телевизија (МРТ) првпат по пет години прикажала загуба во работењето. Така, приходите на МРТ лани се намалиле за 8,44 отсто, на комерцијалните телевизии за 4,52 проценти, а на комерцијалните радиостаници за 3,60 отсто.

Приходите од реклами што заедно ги оствариле сите радиодифузери изнесувале 1.346,06 милиони денари и во споредба со 2017 година, бележат пад за 2,71 проценти. Од нив, 34,33 милиони денари биле приходите на МРТ, 1.203,95 милиони денари на комерцијалните телевизии и 107,78 милиони денари на комерцијалните радиостаници.

Трошоците кои заедно ги направиле сите радиодифузери во 2018 година изнесувале 2,537.52 милиони денари, од кои 971,03 милиони денари биле трошоците наМРТ, 1,419.56 милиони денари на комерцијалните телевизии и 146,93 милиони денари на комерцијалните радиостаници.

Анализата опфаќа податоци за економското работење на јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните телевизии и радија, како и од мерењата на гледаноста и слушаноста на телевизиските и радиостаниците. Нејзина цел е да се обезбедат сеопфатни сознанија за состојбите во телевизиската и во радиската индустрија за претходната година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.