Според политикологот Благојче Атанасоски, одлуката на Зоран Заев покрај премиер да биде и министер за финансии не е политички непознат преседан, но прашање е колку тој е психофизички подготвен за ова. Во изјава за „Фактор“, тој додава дека ова е прва ваква политичка одлука во тридецениската плурална историја на Македонија, во која првиот министер (премиерот), воедно ќе биде и ресорен министер (во нашиот случај за финансии), но сепак, ова не е новинабидејќи пред извесно време и во нашето соседство, кај јужниот сосед, поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, беше истовремено и грчки министер за надворешни работи.

На социјалните мрежи, веќе со потсмев и сарказам се коментира оваа одлука, бидејќи за нашите политички прилики е несвојствена и за прв пат најавена. Веројатно, намерата на премиерот е да има директна контрола во раководењето на државната каса и во редистрибуцијата на буџетот. Од една страна, ова е социјалдемократска влада, која согласно левичарските идеолошки вредности треба да работи на зголемување на финансиската помош за социјално ранливите категории на граѓани, пензионерите, и работничката класа, но од друга, оваа влада сака да остави впечаток дека ќе биде економски развојна со капитални инвестиции, зголемување на БДП-кои ќе придонесат за зголемување на животниот стандарт на граѓаните. И да е најдобра намерата на премиерот, прашање е дали психофизички, и на практика, ќе може да се извршуваат и двете функции, да испорача резултати и како предводник на извршната власт, и како прв финансиер во републиката. Овој „чуден“ политички потег, освен предвидени позитивни страни, крие и негативности кои може да се одразат врз функционалноста пред се на министерството за финансии, смета Атанасоски.

Повеќе на „Фактор“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.