На денешната прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ, портпаролот на партијата Димче Арсовски истакна:

Зоран Заев и Венко Филипче ја подготвуваат најголемата пљачка на Република Македонија и граѓаните кои живеат во неа во вредност од половина милијарда евра. 500 милиони евра е сума која што ќе биде опљачкана од граѓаните и од државата од страна на Зоран Заев и Венко Филипче кои се Влада во заминување и им се гледа крајот многу брзо.

Целиот тендер и грабеж кој се подготвува за клиничкиот центар во Скопје е класично лудило. Лудилото кое ги има обземено Зоран Заев и Венко Филипче отиде толку далеку и ако на сите ни беше чудно како е можно да местат тендер од 35 милиони евра за реагенси, сега подготвуваат сомнителен тендер да ограбат половина милијарда евра од државата.

За почеток, да разјасниме дека кредитот од Развојната банка на Советот на Европа за клиничкиот центар беше 90 милиони евра и беше со каматна стапка од само 0.6%. Е сега, Зоран Заев и Венко Филипче го поништија истиот тендер, и со изменетиот Закон за јавни набавки распишаа нов во вредност од 500 милиони евра или 6 пати поголем од претходниот и тоа со комерцијални банки, конзорциум од три комерцијални банки каде што каматата нема теоретски шанси да биде под 2.5%, а голема е веројатноста според експертите да достигне и над 3%.

Имено, во Буџетот за 2019 година Зоран Заев и Венко Филипче не предвиделе пари за изградба на нов Клинички Центар во Скопје, зборам пари односно сума, целосната сума која што треба да чини за клиничкиот центар. За изградба на клиничките центри во Скопје и Штип во Буџетот за оваа година се предвидени само 9.5 милиони евра.

 

Арсовски подвлече дека „9.5 милиони евра предвидени пари за оваа година за двата клинички центри, а распишуваат тендер за изградба на Клинички Центар во Скопје во висина од 500 милиони евра“.

Само 56 милиони евра ќе чини штипскиот клинички центар. Гледајќи го Буџетот и во наредните 3 години до 2021 според финансиската конструкција на министерство за финансии за изградба на двата клинички центри во Скопје и Штип се предвидени само 21 милион евра. Додека пак само за клинички центар Скопје распишуваат тендер од 500 милиони евра.

Оттука гледaме дека се работи за класичен грабеж и за тендер во кој министерот за здравство крие информации од јавноста. Внимавајте излегува вчера на прес конференција и се однесува како да е паднат од друга планета каде што не знае до кога ќе се исплаќа кредитот и која ќе биде каматната стапка.

Апелирам, апелираме уште еднаш, сите што ќе бидат инволвирани во оваа најкриминална постапка тендерска до сега, ќе одговараат кривично според Кривичен Законик на Република Македонија за злоупотреба на службена дејност и за сума од половина милијарда евра, истите тие ќе лежат во затвор доколку одат по паметот на Зоран Заев и Венко Филипче. Договорите со странските банки ќе бидат раскинати заради висока корупција.

Ги повикувам сите вработени во министерството за финансии, вработените во Секторот за јавен долг, вклучително и вработените во министерството за здравство, да не потпишуваат ништо во врска со ова задолжување, затоа што целиот тендер, целата тендерска постапка бурно ќе ја следиме до самиот крај. Доколку некој нешто потпише од овој криминален тендер, нека има на ум можеби не во моментов додека е Заев на власт, но многу брзо кога ќе падне Зоран Заев од власт ќе одговара и казната ќе го стигне. Ќе одговара кривично.

Ве повикувам сите до еден да не потпаѓате под влијанието на криминалното дуо Заев – Филипче. Да требаше нешто да биде потпишано, тоа ќе го потпишеше Тевдовски и немаше да биде променет од функцијата министер.

Воедно, антикорупциската повторно истакна дека не може премиер да биде и министер за финансии заради конфликт на интереси. Затоа, апелираме дека ниту заменичката Ширете Елези, не смее да потпишува толкаво задолжување, ниту пак никој од Владата има таква надлежност.

Во наредниот период на политичко ниво ќе ги информираме сите релеватни организации и држави, како и сите меѓународните финансиски институции со однапред подготвена елаборација дека постојат и дека сме убедени дека постојат сериозни индиции за корупција и нанесување намерна штета на државата од 500 милиони евра.

Сите инволвирани многу брзо ќе одговараат доколку направат кобна грешка да потпишат ваков скандалозен тендер кој најавува најголем грабеж во историјата на Република Македонија. Затоа памет во глава, и строго според Уставот и законите потпишување на секакви тендерски постапки.

 

 

На прес-конференцијата беше поставено следново прашање: Упативте неколку апели, дали ова може да се земе како закана кон сите?

Видете не знам каде видовте закани во мојата прес конференција напротив мојата прес конференција во насока на правната држава во ниту еден момент не беше закана, туку беше апел сите вработени во институциите кои што се вклучени и инволвирани во овој потенцијален криминален и коруптивен тендер  да внимаваат што потпишуваат бидејќи сите знаеме дека постојат притисоци од страна на власта бидејќи се што ќе потпишат што не е законски никој подоцна нема да им прогледа низ прсти бидејќи мора еднаш засекогаш да се врати правната држава и секој кој што ќе направи ваква кобна грешка во висина од половина милијарда евра само со еден потпис може да одговара бидејќи тоа се пари на сите граѓани тоа се пари на државата, одговори Арсовски.

Следното прашање беше: Се очекува одлука од Апелација практично да се произнесе за случајот со Јанакиески и Димовски за злоупотреба на државно земјиште. Што очекувате?

Видете изминатиот период бевме сведоци на повеќе изјави на власта низ медиумите како се сугерираат одлуки кон судот кои што подоцна од судот се прифатени. Во овој случај апелираме до Апелациониот суд да се постави над целата ситуација, да останат глуви и неми на сите политички притисоци за овој политички монтиран процес и да во име на правдата и правото да донесе вистинска одлука која што ќе биде во насока на правната држава. Да не потпаѓаат под политички влијанија од страна на власта и да ја донесат правилната одлука за овој политички монтиран процес, појасни Арсовски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.