Она што го говоревме неколку години наназад откако СДСМ и Зоран Заев и кланот Заеви се на власт, сега овој период веќе се потврдува, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Мафија владее со Република Македонија. Вчерашните аудио материјали тоа го потврдуваат. Вчера бевме сведоци и ние и целата јавност како член на подземјето Горан Димовски од Битола викан Тушникот, човек најверојатно со сомнително минато, а не академско, кажува јасно и гласно дека добил зелено светло директно од Вице Заев, брат на Зоран Заев кој беше премиер на државата и претседател во моментов на СДСМ, да запали автомобил на некој кој не е член на СДСМ, само и само да го потисне и да му упати порака со закана и не само него, ами ќе ги потиснел и сите други кои што не биле за СДСМ, рече Арсовски.

Според него, аудио-материјалот покажува како функционира власта на Заеви, како што рече, со уценување, рекетирање, но и со сеење на страв на политичките противници кои не мислат како Зоран Заев и СДСМ.

Тоа што Заеви комуницираат со подземјето и не е некоја новост, но новост е дека тие директно  издавале наредби, според она што можевме да го чуеме. Дополнително од овој материјал доколку се слушне целиот, дознавме дека кланот Заеви освен што давал зелено светло за палење автомобили, давал и црвен картон, односно блокирал други бизниси кои им биле конкуренција на нивните. Овој материјал е големо сведоштво за начинот на мафијашко владеење на Зоран Заев, Вице Заев и целата фамилија Заеви, потенцира Арсовски.

Тој побара Вилма Русковска да ги повика протагонистите од аудио-снимката и нивните активности да бидат истражени од страна на Јавното обвинителство. Но, изрази и сомневање дека најверојатно Русковска наместо да се бори со криминалот, зафатена е со гледање на рекламите на ВМРО-ДПМНЕ во политичката кампања, рече Арсовски.

Тој потсети дека во изминатите 3 години се запалени над 50-тина автомобили во државата.

Да потсетиме дека беше запалена семејната куќа на потпретседателот и носител на ВМРО-ДПМНЕ во моментот во ИЕ 2 Мисајловски, беше фрлена бомба во семејниот дуќан исто така на Мисајловски, беа демолирани автомобили на видни членови на партијата, што веќе е очигледно и јасно кој ги издал сите овие наредби. Дали е тоа Вице Заев, лично и персонално, братот на Зоран Заев? После 15-ти јули институциите ќе го докажат кој е нарачателот, рече Арсовски.

Тој порача дека ова го нема ниту во мафијашките филмови, а увери и дека ќе го снема после 15-ти јули во Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.