Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димиче Арсовски на денешната прес конференција рече дека „Радмила Шекеринска како министер во министерството за одбрана преку јавна набавка набавила 2 тешки машини грејдери за потребите на Армијата во вредност од 464.853 евра од српска компанија „Корковадо“, додека иста машина од истата компанија во Србија после само неколку месеци била продадена на српска институција за само 108.000 евра, односно за половина сума помалку од онаа што ја платила Шекеринска“.

Значи, една машина грејдер модел ГР 1605 во Србија чини 108.000 евра, а Радмила Шекеринска во Македонија го набавува за 232.426 евра. Очигледна е разликата од 132.000 евра по машина или вкупно 264.000 евра за двете машини, кои никој не знае каде завршиле. Со ова Радмила Шекеринска го има оштетено буџетот на Република Македонија за над 250.000 евра – рече Арсовски.

Тој додаде дека Шекеринска има сериозни бизнис релации во Србија, поточно во Белград преку нејзин близок од потесното семејство, каде, како што рече, завршиле овие над 250.000 евра разлика во тендерот.

Дали овие над 250.000 евра завршиле во нечиј џеб? Ова мора да се дознае и јавноста ги чека овие одговори од Радмила Шекеринска. Јавното обвинителство треба да отвори случај по овој сомнеж и да го истражи до крај. Ова е класично оштетување на Буџетот на граѓаните во висина од над 250.000 евра – рече Арсовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.