Државниот здравствен и санитарен инспекторат очигледно како институција не постои во рамките на институциите на Република Македонија, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат преку соопштение во текот на вчерашниот ден признаа дека во 2018 година инспекторатот издал решение за забрана за вршење на дејност на очната болница која функционира во склоп на поликлиниката Промедика, а поврзано со случајот кој што го објавивме пред два дена. Директорката Бухова на сериозни обвинувања, за сериозен скандал немаше доблест да излезе лично во јавност и лично да признае дека очигледно до издавање на решението за затварање на болницата работела нелегално, а според нашите информации тоа продолжило и следните години. Замислете, очна болница во центарот на градот, без добиени лиценци за вршење оперативни зафати, продолжила да функционира и да оперира граѓани, благодарение на штитењето од страна на директорката Бухова. Бухова вчера со намера да демантира, всушност призна за целиот овој случај и за нерегуларностите, мислејќи дека ќе се затвори темата и никој повеќе нема да говори, не ги приложи јавно лиценците кои говори дека ги има очната болница – вели Арсовски.

Тој додава дека замислете, некој треба да и верува на кажан збор на инспекторатот и на Бухова, а сите се свесни дека од низата скандали гледаме дека таа е мозокот на нерегуларното работење во здравствените установи.

Инспекторатот и Бухова, веднаш нека ги објават јавно лиценците кои ги поседува очната болница за вршење оперативни зафати, тоа е очната болница во скоп на поликлиниката Промедика за која што говоревме пред два дена дека нема лиценци, за да ги уверат граѓаните дека болницата од своето отварање па до денес константно и непречено ги поседува лиценците. Во спротивно, а свесни дека лажат од инспекторатот, треба кривично да одговараат и да поднесе оставка и одговорност директорката. Главните прашања на кои сеуште не одговори Бухова и инспекторатот се следните: Дали оваа очна болница поседува лиценци и дозволи за вршење оперативни зафати или пак Бухова го штити ова диво оперирање? Кој ќе одговара за тоа колку пари се наплатени за оперативни зафати, ако се има предвид дека болницата немала одредени лиценци за вршење дејност и дали е ова затајување данок, перење пари и сериозно економско кривично дело? – прашува Арсовски.

Тој додава дека за да се смири целата јавност, Бухова веднаш може да ги објави лиценците и да ги направи јавно достапни на веб сајтот на инспекторатот, со што би спречила понатамошни манипулации. Но, тоа не и одговара ниту нејзе ниту инспекторатот, затоа што нема да може да го штитат криминалот и за тоа да има некаква си корист за која само таа знае.

Оттука, ги повикувам сите надлежни институции, министерот Беким Сали, доколку не е запознаен со овој случај да го испита и да ги направи потребните чекори за санирање на овој хаос, а Бухова да ја разреши и да сноси одговорност. Одговорете на прашањата и јавно објавете ги документи за да се смири јавноста, а не да пуштате штури и празни соопштенија мислejќи дека одредена тема ќе заташкате или криминал ќе покриете. Не, потребни се одговори и да приложите документи за кои што тврдите дека ги има – истакна Арсовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.