Поранешниот заменик-министер за здравство д-р Арменд Арслани е нов директор на Струшката болница, информира министерот за здравство Венко Филипче.

Арслани доаѓа на местото на доктор Мухамед Асани кој беше разрешен од местото директор на болницата во Струга поради скандалот со извадените органи на Јилдз Веапоска при породување.

Арменд Арслани е доктор по општа медицина и специјализант по урологија и уролошка хирургија. Тој дипломирал општа медицина на Медицинскиот факултет на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, а во тек е неговото професионално и научно усовршување како специјализант по урологија и уролошка хирургија на истата научно-образовна институција.

Од 2018 година е член на Управниот одбор на Специјализираната болница по нефрологија во Струга со што се стекнува и го применува своето искуство и во менаџирањето на стручните и економските ресурси на болницата.

Во текот на својата професионална кариера редовно посетува специјалистички семинари и учествува на студиски престои во земјата и во странство.

Бил стажант на Програмата за стажирање на Факултетот за медицина на универзитетот во Истанбул, на одделението за урологија и учествувал во стручни обуки за примена на најнови методи за дијагнози и интервенции, како член на Асоцијацијата на албанските лекари и на повеќе конгреси и семинари презентирал студии на случај од неговата професионална пракса, а работел и на преводот на „Водичот на Европската асоцијација на Уролози.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.